ВИДЕО – Одбележан „3 Ноември“ во Прилеп, борците без конкретен став за промената на одлуките на АСНОМ во Преамбулата

Организацијата на Борци од Прилеп, градот Херој, градот кој дал најмногу жртви и Народни херои за време на НОБ, без конкретен став околу тоа дека Владата планира одлуките на АСНОМ да се отфрлаат од Преамбулата на Уставот, а истите да бидат заменети со Прогласот на АСНОМ. Борците рекоа не сакаат да ги коментираат политичките одлуки, туку само порачаа дека придобивките на АСНОМ требало да бидат зачувани во Уставот.

 

 

„Јас не би навлегувал во тие сфери, но секако мислам дека во Уставот треба да се почитува НОБ и придобивките на АСНОМ. Ние секогаш сме се чувствувале како Македонци и така ќе се чувствуваме. И во бившите режими и еден и друг, секогаш сум се чувствувал како Македонец, ниту Бугарин, ниту Србин, туку само како Македонец“, рече Круме Соколоски, претседател на организација на борци во Прилеп.

 

Денеска во Прилеп со положување на свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски Питу, Могила на Непобедените и споменикот на Песиобрдце, се одбележа 3 Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп од фашистичкиот окупатор. Претседателот Општинскиот одбор на Сојуз на борци, Круме Соколоски, на Могилата на Непобедените, истакна дека како прилепчани, треба да сме горди што нашиот Град Херој ги почитува овие револуционерни традиции.

 

 

„Се наоѓаме пред еден значаен споменик, Могила на непобедените, каде се наоѓаат останките на многу наши сограѓани и многу наши блиски кои ги дадоа своите животи за оваа слобода. Ние повозрасните се сеќаваме на настаните од 1944 година за конечното ослободување на Прилеп, кога се водеа жестоки битки меѓу партизанските единици веќе формирани во бригади, со германските војски. Во тие борби, храбро загинаа повеќе од 230 партизани. Како прилепчани, треба да сме горди што нашиот Град Херој ги почитува овие револуционерни традиции, а и младите генерации треба да бидат воспитувани во револуционерен дух, почитувајќи ги идеите на партизаните“, изјави Круме Соколоски, претседател на Општинскиот одбор на Сојуз на борци – Прилеп.

 

Честитајќи им го на своите сограѓани Денот на ослободувањето, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека денешните, но и сите идни генерации, треба да ги почитуваат жртвите на борците за денешната слобода.

 

„Сакам да ви го честитам денешниот празник, 3-ти Ноември, кога после четиригодишната Народноослободителна борба беше ослободен нашиот град. Тука сме да се поклониме пред Могилата на непобедените, пред загинатите борци, кои ни оставија аманет да ја чуваме нашата држава и сите заедно да се бориме за подобар животен стандард, за поголем развој на нашиот град и за подобар живот на сите граѓани на Прилеп“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

 

 

 

„3-ти Ноември, Денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор, е еден од најважните датуми на Прилеп. Мотивот кој го имале нашите предци, да се изборат за слобода, независност и државност, нека биде поттик повеќе за сите нас, без разлика на нашата верска, политичка или било каква друга определба, да се избориме за економски просперитет. Да се избориме да бидеме рамо до рамо со најмоќните држави во светот, да бидеме членка на ЕУ и НАТО. Нека им е вечна слава на сите паднати борци кои ги дадоа животите за својата држава“, нагласи Миле Талевски, претседател на Советот на Општина Прилеп.

 

Вечер по повод празникот ќе се одржи свечена седница на Советот на Општина Прилеп на која ќе бидат доделени наградите за животно дело, плакетите и дипломите „3-ти Ноември“ на заслужни граѓани на Прилеп.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien