Осум од 10 родители со насилни методи го воспитуваат своите деца

Осум од десет родители во Македонија применуваат насилни методи  за да ги дисциплинираат своите деца, без разлика дали станува збор за физичко или психолошко насилство. Тоа може да има големо негативно влијание врз нивниот психички, физички, социјален, емотивен и когнитивен развој. Затоа во Македонија почнува кампања „И родителството се учи“ која има за цел, заедно со другите мерки што ги презема државата, да ги промени ваквите состојби, да укаже на последиците од насилното однесување кон децата, оти има и друг начин на родителско однесување, но и да им понуди поддршка на радителите за одговорно родителство.

 

„Родителството не е секогаш лесно. Тоа веројатно е најтешката задача. Велиме дека тоа е индивидуална работа, секој со своето дете во домот, во семејството, Но, тоа не е така. Ние сите влијаеме на наштите деца, тие се идните генерации на нашето општество и општеството има обврска да создаде продуктивни граѓани кои ќе се развиваат во здрава средина, ќе се чуствуваат моќно и сакано и потоа ќе даваат продонес во унапредување на целото живеење во Македонија“, рече Царовска.

Таа смета дека преку градинките може да се даде дополнителен квалитет во воспитувањето на децата, но и насочување и едукација на родителите. Македонија, рече, има 15 советувалишта во градинките што прават напори за давање поддршка во учење на одговорното родителство, но, додаде,  тоа треба да се работи поинтензивно, и со други активни мерки.

 

„Ако ги научиме родителите да бидат добри и посветени, директно влијаеме врз социјалниот, емотивниот и интелектуалниот развој на секое дете, а тоа е човечкиот потенцијал на земјата“, рече Царовска.

 

Министерот за дравство Венко Филипче истака дека во првите години од животот човечкиот мозок се развива со најголема брзина, и оти тогаш секое поединечно искуство влијае врз развојот и го обликува начинот на кој детето размислува, се однесува, чуствува и учи во текот на животот.

 

„Истражувањата покажуваат дека деца кои се сведоци или сами страдаат од насилство многу веројатно ќе страдаат од насилство како возрасни, но можат и да станат насилници“, рече тој.

 

Потенцира дека Министерството ќе прави напори и за зајакнување на патронажните служби како први кои доаѓаат во контакт со родителите, но и  за зајакнување на капацитетите на здравствените работници за препознавање, упатување и заштита на децата жртви на насилство.

 

Зајакнување на стручните служби се планира и во образовниот процес. Како што рече министерот за образование и наука Арбер Адеми, тоа ќе се прави со цел да можат да дадат стручна поддршка и совети за родителите, особено ако кај нивните деца се забележи несоодветно однесување за возраста, намалување на успехот или отсуство од настава.

 

Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека ова е проблем во цела Европа. Податоците од СЗО се алармантни, вели, и покажуваат дека секое 10-то дете е сексуално злоупотребено, секое четврто дете е предмет на насилство, а речиси секое трето дете е подложено на психолошка злоупотреба. Кај децата со попреченост резултатите покажуваат, дури три пати поголеми бројки во однос на податоците за другите деца.

 

„Извештајот на ЕК за Македонија од оваа пролет покажува дека иако правата на детето се втемелени во законот, постојното законодавство мора да се спроведува. Овој извештај, исто така, наведува дека има многу мал капацитет за обезбедување поддршка, заштита и грижа за децата. Мило ми е што гледам дека сега се одвива акција која ќе даде осврт на сите овие прашања, а која ја предводат сите три министерства присутни денеска, со поддршка и помош на УНИЦЕФ“, рече Жбогар.

 

Претставникот на УНИЦЕФ во земјата Бенџамин Перкс истакна дека оваа кампања и реформи не се одвива само тука, туку во повеќе делови во светот и почнува да произведува резултати. Причината поради која се спроведува се темели, вели, на сознанијата од последните 20-30 години дека 85 отсто од развојот на човечкиот мозок се случува во првите 5-6 години од животот и дека емотивниот, социјалниот и когнитивниот развој на децата се случува во текот на овој период и никогаш повеќе нема да се повтори со истата брзина во текот на  животот. Клучниот двигател на ваквиот раст и позитивниот детски развој во овој период е односот што детето го има со родителите во домот, а најголема закана за ова е запоставеноста од насилното и дисфункционално родителство.

 

„Според податоците на СЗО во Западен Балкан едно од три деца растат во емотивна запоставеност, гледаме и многу форми на физичко насилство и на дисфункционално родителство. Добра вест е што ова може сега да се третира преку интервенции во јавните политики за јакнење на здравствените посети на патронажните сестри, се до помош за родителите да комуницираат подобро и да се вклучат со децата преку универзален пристап во претшколските установи, а потоа и во основновните и средни училишта. На овој начин и се помага на земјата да стане отпорна и да се ублажи ефектот на насилството и запоставеноста на децата за да се развиваат и станат најдобри верзии од себе кога ќе минуваат низ животниот циклус, што е битно и за социјалниот и економскиот развој на општетството“, вели Перкс.

 

Кампањата  е дел од регионален проект финансирана од ЕУ, и поддржана од УНИЦЕФ

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien