Стапија на сила американските санкции за Иран, Техеран најави нивно кршење

Американските санкции за Иран, кои првично беа укинати со потпишувањето на нуклеарниот договор во 2015 година, денеска повторно стапија на сила. Американскиот државен секретар Мајк Помпео вели дека санкциите имаат за цел да го променат однесувањето на иранскиот режим, особено во однос на поддршката кон групите како Хезболах.

 

Помпео ги бранеше санкциите наметнати врз Иран од критиките на конзервативците, кои тврдат дека треба повеќе да се направи за да се изолира оваа земја.

 

Шефот на американската дипломатија тврди дека и покрај исклучоците, санкциите веќе имале големо влијание и додаде дека политиката на максимален притисок ќе биде ефективна од денес.

 

По стапувањето на сила на санкциите, официјален Техеран објави дека ќе ги прекрши и ќе продолжи да ја продава својата нафта.

 

„Америка сакаше да ја доведе продажбата на иранската нафта на нула, но ние ќе продолжиме да ја продаваме нафтата… да ги кршиме санкциите”, изјави иранскиот претседател Хасан Рохани, за време на состанокот со економистите во земјата кој државната иранска телевизија го пренесуваше во живо, објави „Ројтерс“.

 

Американскиот претседател, Доналд Трамп, ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран претходно оваа година и почна да наметнува санкции за Техеран. Трамп вчера изјави дека санкциите кон Иран се најсилни во САД досега.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien