Воениот комитет на НАТО во прва официјална посета на Македонија

Делегација на Воениот комитет на НАТО, предводена од генерал- полковник Стивен Шепро денеска и утре престојува во Скопје. Подготвеноста на земјава за членство во Алијансата е во фокусот на посетата на воените претставници на 29-те земји членки.

 

„Ве охрабруваме да продолжите со овие реформи, а ние ќе продолжиме тесно да соработуваме со вас во понатамошно развивање на вашите одбранбени способности во согласност со стандардите на НАТО“, рече генерал Шепро.

 

Според надлежните ова е историска посета, бидејќи за прв пат делегација на Воениот комитет на НАТО доаѓа во земјава. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека оваа клучна активност на највисокото воено тело на НАТО која се случува денес во Скопје само по себе кажува дека интеграцијата на Македонија во Алијансата веќе добива свој облик и форма.

 

„Јавноста денеска има прилика да види со свои очи дека членството во НАТО веќе не е далечна и недостижна цел. Испуштената шанса во 2008 година ја вративме на маса и одработивме покана и поечeток на пристапни разговори со најмоќниот воено-политички сојуз на денешнината. Денес, Македонија е домаќин на најстарото постојано тело на Алијансата по Северноатланскиот совет. Ова тело е најважната врска помеѓу политичките одлуки и воената структура на НАТО. Ова е увертира во однос на тоа што значи нашата стратешка цел: Република Македонија да биде на масата на која се одлучува за крупните прашања на денешница. Состанокот е порака дека 29 земји членки се обединети во поддршката да станеме 30 членка на НАТО. Состанокот е симбол, но не е случаен. Честа не ја добивме, туку ја заслуживме со бројните политички реформи и резултати кои ги испорачавме. Република Македонија станува дел од заедницата на напредни држави, и тоа веќе влијае позитивно на нашата безбедност, но и на економијата, инвестициите и квалитетот на живот. Секаде, а особено на Балканот, сигурноста е единствената влезница за просперитет. Евроатлантската иднина на Македонија има големо геополитичко значење и важност и ќе служи како поттик за прогрес на другите земји аспиранти“, рече министерката.

 

Македонија на масата со воените претставници ќе ја претставува генерал мајор Васко Ѓурчиновски.

 

„Армијата на Република Македонија е одлучна и посветена кон исполнување на критериумите за членство во НАТО. Работевме напорно, придонесувавме кон градење на светскиот мир и борбата против тероризмот и нашата заложба денес, а верувам и утре ќе биде непроменета – полноправно членство во НАТО Алијансата“, кажа меѓу другото началникот на генералштабот на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски во своето обраќање.

 

Покрај претставниците на воениот комитет, ќе присуствуваат и членови на Меѓународниот воен штаб, а кон активностите ќе се приклучат претставници на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, претставници од АРМ и најверојатно борбените аташеа на земјите членки на НАТО во Скопје.

 

Во текот на утрешниот ден пак во касарната „Илинден“ во Скопје планирана е и вежба за демонстрација на оперативните способности, опремата и техниката на дел од декларираните единици од Здружената оперативна команда.

 

Инаку Воениот комитет на НАТО е најстаро постојано тело во НАТО, заедно со Северноатланскиот совет. Тој е еден од клучните елементи во воената структура на НАТО составен од началниците (шефовите на одбрана на земјите членки на НАТО). Овој комитет прави воени проценки, планови, прашања и препораки и анализа земајќи ги предвид ставовите на секоја земја членка. Воениот комитет на НАТО, меѓу другото, служи како врска меѓу политичките лидери на НАТО и двата стратегиски команданти. Комитетот на ниво на началницисе состанува три пати годишно, додека воените претставници на НАТО земјите најмалку еднаш седмично.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien