Хан: Со имплементирани реформи 2025 е реалистичен датум за влез во ЕУ

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, во интервју за германскиот весник Ди Велт, вели дека 2025 година е реалистичен датум за прием на нови членки од Балканот, но само доколку се исполнат критериумите.

 

„Датум 2025 е индикативен, но ако се интензивира имплементацијата на реформите тој е доста реалистичен. Но, сите критериуми за членство мора да бидат исполнети претходно, нема скратен пат. Мотото е „квалитет пред брзина“, вели Хан.

 

Тој во интервјуто уште еднаш го поздрави гласањето за уставните измени во македонското Собрание.

 

„Благодарен сум им на сите пратеници кои си ја исполнија одговорноста и ги ставија интересите на државата пред оние на партијата. Ова посебно важи за пратениците од опозицијата кои гласаа спротивно од партиската линија и ги сносеа последиците од тоа, односно исклучувањето од партијата, изјави Хан.

 

Еврокомесарот додава дека Владата во меѓувреме ги доставила нацрт-уставните амандмани до Парламентот. Исто така, Хан наведува дека договорот за името сé уште мора да биде ратификуван во грчкиот парламент.

 

„Убеден сум дека ова ќе успее бидејќи грчката Влада неодамна ја потврди својата поддршка“, вели Хан.

 

Хан во интервјуто вели дека името е важно затоа што го отвора патот за можното пристапување во ЕУ и НАТО, кој беше блокиран од Грција поради спорот за името 27 години. Во овој поглед, додава Хан, овој договор е историски чекор и единствена можност за Република Македонија да ја реализира својата евро-атлантска перспектива.

 

Вели дека овој договор ќе испрати важен сигнал на помирување за целиот регион.

 

„Би можел да има динамичен ефект врз решавањето на спорот помеѓу Србија и Косово и да доведе до пробив во пристапниот процес на Западниот Балкан. За земјите членки на ЕУ пристапот во ЕУ има смисла само ако сите шест земји можат да се приклучат и решението во ПЈРМ го прави ова сценарио многу поверојатно, изјави Хан, додавајќи дека со напредокот на Македонија се создава атмосфера на „позитивен натпревар“.

 

Тој вели дека земјите на ЕУ тврдат дека пристапот на земјите од Западен Балкан има смисла само доколку можат да бидат вклучени сите шест земји. Според Хан, решението за Македонија го прави ова сценарио многу поверојатно. Според него, на Балканот постои некаква позитивна конкуренција за тоа кој постигнува најбрз напредок. Како што вели, долго време Србија и Црна Гора беа т.н. предни тркачи во процесот на пристапување, но сега може да бидат Албанија и Македонија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien