ВИДЕО – Се уште без поддршка – само 8.000 евра ги делат Маријана и Владимир од Аконкагва

Само 8.000 евра ги делат прилепчаните Маријана Ѓорѓиевска и Владимир Јованоски од искачување на највисокиот врв во Јужна Америка и еден од 7-те сумити во светот, врвот Аконкагва кој се наоѓа во Аргентина. И кој е втор по височина сумит во светот после Монт Еверест. Претходно Ѓорѓиевска и Јованоски за краток период од само околу 2 години ги поставија темелите на високогорското планинарење во Прилеп искачувајќи ги врвовите Монт Блан, највисокиот врв во Европа Елбрус, највисокиот врв во Австрија – Гросглокнер, највисокиот врв во Германија – Жугшпице и други. Иако се вистински амбасадори не само на Прилеп туку и на Македонија тие веќе 3 месеци се обидуваат да обезбедат средства за Аконкагва, но нити една фирма од Прилеп досега им нема помогнато, а од локалната самоуправа им рекле дека ќе видат што можат да направат.

 

 

„Знаете дека ние одиме како тим, бараме средства за мене и за Владимир. Средствата изнесуваат 8.000 евра за двајцата. Во тие 8.000 евра е вклучена целата логистика за самата експедиција и изнајмување на опрема. За овој врв е потребна потехничка опрема, која што е релативно скапа. Потребна е поради заштита на нашите животи. Не само ние туку и сите индивидуални спортисти се соочуваат со овие потешкотии со кои се соочуваме и ние. Најголем дел од локалните фирми, па можам да кажам и локалната самоуправа, сакаат да помогнат и имаат желба, но тимските спортови се секогаш повеќе поддржани, во однос на овие индивидуални спортови. А во последен период, наназад 2 години индивидуалните спортисти постигнаа поголеми резултати од тимските спортови, на национално ниво, а особено на локално ниво“, изјави Маријана Ѓорѓиевска, планинар.

 

Последниот рок до кога мора ги уплатат билетите за Аконкагва е 15 ноември. Експедицијата ќе биде заедно со други планинари од Балканот и ќе трае 28 дена. Условите на Аконкагва се навиистина екстремни за што е потребно и специјална скапа опрема.

 

„Аконкагва е еден од поекстремните врвови, ризиците се прилиично тешки, се соочуваме со температури од – 30 до – 40 степени. Спијањето на тој врв е во шатори, првиот базен логор е на 4.000 мнв. каде што има климатизација со искачување на 5.500 мнв. па потоа 5.900 мнв. Спиење во шатор со скапа опрема, јакна со пердуви, специјални вреќи за спиење, експедициски шатори. Вода за пиење не постои, се топи снегот па се пие. Храна е потребна за 15 до 18 дена, колку што е предвидено да останеме горе“, вели Владимир Јованоски, планинар.

 

Ѓорѓиевска и Јованоски се надеваат дека овој нивен апел ќе допре до бизнис секторот во Прилеп, како и до локалните и државните власти во наредните денови да се обезбедат потребните 8.000 евра, кои навистина не се големи за еден ваков голем потфат кој ќе трае скоро 1 месец, а тие ќе бидат првите прилепчани кој успеале да го реализираат ова.

 

„Се надеваме дека ќе бидеме првите прилепчани на Аконкагва, исто како што бевме првите прилепчани кои беа на Монт Блан, Полукс, Елбрус, Гросглокнер, Жугшпице и исто така е интересно што на овој врв бројката на искачени Македонци досега е околу 15 од кои само 3 се жени, а останатите мажи“, додаде Ѓорѓиевска.

 

„Ние сме се уште упорни, се надеваме дека фирмите ќе ни излезат во пресрет. Ни остануваат уште 10-тина денови за вадење на авионските карти. До стартот на експедицијата остануваат уште само 2 месеци, стартот е на 27 јануари“, рече Јованоски.

 

Маријана и Владимир не губат надеж и се надеваат дека ќе бидат првите прилепчани кој ќе успеат да се искачат на Аконкагва. А ова нека биде и апел до државата и бизнис секторот што е можно повеќе да ги поддржуваат ваквите успешни спортисти во Македонија.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien