Најмалку 12 луѓе загинаа во вооружен напад во Калифорнија

Најмалку 12 лица, меѓу кои и заменик на шерифот, се убиени во пукањето во барот во Калифорнија, соопштија локалните власти, истакнувајќи дека напаѓачот е мртов.

 

Полициски претставници објавија дека телото на напаѓачот е во барот, но не открија повеќе детали. Неговиот идентитет засега не е познат, ниту кои се мотивите за нападот.

 

Во кантри барот „Бордерлајн“ во моментот на нападот имало стотина луѓе, а пукањето траело и кога дошла полицијата. Напаѓачот испукал десетици куршуми со полуавтоматско оружје и полицијата верува дека потоа се самоубил. Властите кажаа дека има и најмалку десет повредени.

 

„Бев на подиумот кога слушнав истрели. Настана огромна паника и луѓето паѓаа едни врз други“, кажа еден од присутните гости.

 

За сега е познато дека непознат маж синоќа во бар во местото Таузенд Оукс, на околу 60 километри западно од Лос Анџелес и со околу 130.000 жители, прво испукал неколку куршуми, потоа фрлил димни бомби, па продолжил да пука.

 

На сајтот на барот за среда вечер е најавена студентска вечер и часови по кантри танц. Сведоци изјавиле дека во барот повеќето биле студенти, дека ситуацијата била хаотична и оти луѓето почнале да скокаат од прозорци.

 

Властите ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат областа.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien