ВИДЕО – Прилеп по Скопје е град со најголем број деца на улица

Децата на улица и понатаму остануваат нерешлив проблем на државата. Според извештајот на Народниот правобранител, најголем дел од овие деца се евидентирани во Скопје и Прилеп. Секој ден во центарот на Прилеп овие деца може да се видат како питачат по кафулињата или пак на плоштадот. Од Центарот за социјална работа велат дека станувало збор за класична злоупотреба на децата од страна на нивните родители.

 

 

„Кога излегуваме на терен веќе нас не препознаваат како лица од Центарот и од страна на нивните родители им е кажано што да прават и во моментот кога тие кога ќе не видат започнуваат да бегаат и го напуштаат теренот каде питачат“, вели Јасминка Митреска, социјален работник.

 

Сепак досега само неколку пати во Прилеп било привремено одеземено родителското право. Тоа се уште е најнепопуларната мерка бидејќи се создавале големи трауми кај децата.

 

„Целта на одземањето на децата од нивните биолошки семејства, од биолошките родители е сузбивање на оваа општествено негативна појава. Нивното одземање не е трајно, бидејќи Центарот како старателски орган работи на јакнење на родителските капацитети се со цел повторно враќање во биолошкото семејство“, рече Смилка Илиеска, социјален работник.

 

Прилеп беше еден од ретките градови каде беше отворен Центар за деца на улица, но потоа тој беше затворен. Сега повторно се актуелизира потребата од една ваква установа.

 

„Ни става за потреба повторно да актуелизираме можеби и дневна потреба од собирање на деца, иако во овој момент нема каде да ги сместиме, но можеме заедно со нивните родители да направиме одредени разговори, да му укажеме на тежината на проблемот со кој се соочуваат и тие и ние“, истакна Живко Силјаноски, директор на Центар за социјална работа Прилеп.

 

Од НВО „РОМА СОС“ пак велат дека питачењето е последица на сиромаштијата која владее во Македонија.

 

„Ова не се деца на улица, ова се деца на сиромаштијата, тоа што се деца на сиромаштијата не е нивни проблем, туку е нивно наследство. Државата мора да превземе мерки за извлекување на семејствата од сиромаштијата и социјалната исклученост“, кажа Весна Шапкоски, НВО РОМА СОС.

 

Според експертите доколку нема поголеми системски и општествени промени кај нас и поголема кордиинација помеѓу институциите овие дечиња и понатаму ќе бидат секојдневна слика на нашите улици.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien