ВИДЕО – Живот со хендикеп, без струја, без дрва за огрев, разрушена куќа и само 4.000 денари месечно

Неколку месеци живеат без струја, немаат ниту дрва за греење, бараката каде се сместени е разрушена и кога врне внатре им тече вода. За храна пак им помагаат нивните роднини и пријатели. Во ваква беда живее семејството Мирчески од Прилеп во т.н социјални бараки во населбата Варош. Сашо Мирчески е глув, а веќе 5 месеци оди и на дијализа. Поради проблемот со бубрезите сега е комплетно неработоспособен. Живеат само со 4.000 денари месечно пари кои ги добива за мобилност.

 

 

„Состојбата ми е тешка, имам фистула на раката, не можам да работам, струја немам, дрва немам, услови за живот никакви, земам 4.000 денари што сум глув. Струјата ми е платена, само немам уште да доплатам за прииклучок, а тоа е 1.700 денари. Од каде ? Со 4.000 денари каде побрзо, дали да јадам или да платам струја“, вели Сашо Мирчески.

 

Неговата сопруга, која исто така не е работоспособна низ солзи раскажува за тоа како живеат. Нивната 14 годишна ќерка учела или навечер на свеќа или пак денски во дворот на сонце каде е и потопло, бидејќи во домот нема нити доволно светлина и многу е ладно. Палат оган само кога ќе соберат некои гранки и штици. Нивниот 19 годишен син кој повремено живее со нив бидејќи се вработил им ја укинале социјалната помош. Но сега и тој не работи повеќе.

 

„Навечер се топлиме со пилевина, борчина, дрвца некои, тешко е многу. Многу е тешко за детето, преку денот учи надвор во дворот“, низ солзи раскажува Наташа Мирческа, сопруга на Сашо.

 

Од здружението за бубрежно болни лица „За подобар живиот“ апелираат државата под итно да му помогне на ова семејство.

 

„Неработоспособен, глувонем, ситуацијата е навистина страшна. Немаат ниту дрва, немаат струја, услови за живот никакви. Испраќаме апел до сите бизнисмени, државата, до сите добронамерни луѓе да му помогнат на ова семејство“, изјави Зоран Илиески, претседател на здружението „За подобар живот“.

 

Семејството Мирчески се надеваат дека овие апели и молби ќе стигнат до хуманите луѓе и државата, бидејќи најмногу им е страв од тоа како ќе ја поминат зимата.

 

 

Секој оној кој сака да го контактира семејството може тоа да го направи на тел. број. 072-252-856 !

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи