Спасовски: МВР нема вина за Груевски, одговорноста е кај судиите

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски не размислува за оставка откако полицијата направи неколку безуспешни обиди да го пронајде осудениот екс-премиер Груевски. Спасовски вината што Груевски стана недостапен за органите на прогонот ја гледа кај судската власт.

 

„Размислувам во однос на одговорноста на оние на кои им одредуваат притвор на лицата за кои постои опасност да избегаат.  Ги пуштаат слободно да се движат низ државата, слободно да ги обавуваат сите работи кои ги обавуваат и на крај кога се носи пресудата тие не се во притвор за да можат да бидат обезбедни, иако се со повеќе кривични дела. Притвор се одредува за случаи на разбојништво и тешки кражби, а за потешки случаи не се одредува. Полицијата работи исклучиво по наредбите кои ги издава судот и таа без наредба не може да следи кого било и постојано да биде присутна со него, околу него само заради тоа што се води судска постапка против него“, рече Спасовски.

 

Поранешниот премиер, Никола Груевски, кој има 24 часовно обезбедување од МВР, телохранителите ги користел на повик. Полициските службеници кои последен пат го обезбедувале Груевски, биле повикани на 8 ноември, минатиот четврток, го оставиле дома и отогаш тој нема побарано нивно присуство.

 

Спасовски истакна дека не е законски полицијата да следи такви лица.

 

„Спротивно на законот е ако продолжиме да следиме како што следеа порано, тогаш ќе имаме сериозен проблем. Следењето треба да биде врз основа на закон“, рече Спасовски и додаде дека во однос на можноста за распишување меѓународна потерница тоа е работа на судот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien