Алармантно: Бројот на заболени пациенти од дијабетес драстично се зголемува

Бројот на заболени од дијабетес во Република Македонија е во пораст. Од 120.000 регистрирани пациенти со дијабетес, 40.000 примаат инсулинска терапија, беше истакнато денес на одбележувањето на Светскиот ден на дијабетес. Доколку нешто итно не се преземе, оваа бројка се очекува драматично да порасне и да предизвика голема хумана, социјална и финансиска катастрофа.

 

На еден дијагностициран постои еден кој не е дијагностициран и не знае дека ја има болеста, истакна директорката на Универзитетската Клиника за ендокринологија, Саша Јовановска Мишевска.

 

„Наша основна стратешка определба е да помогнеме што порано да може да се детектира дијабетесот за навреме да почнеме со адекватна и навремена терапија, а со тоа и да ги намалиме компликациите кои болеста ги носи. На ниво на примарното здравство се спроведува и систематски скрининг на лицата кои се во ризични категории (возраста, дебелината и недоволната физичка активност) да развијат дијабетес. Матичниот лекар треба да укаже категоријата која е во ризик задолжително да направи скрининг тест за откривање дијабетес“, потенцира Јовановска Мишевска.

 

Додаде дека 75 проценти од здравствените фондови се трошат за компликациите од дијабетесот и очекуваат дека со промовирање здрав начин на исхрана, со намалување на факторите за ризик кои доведуваат до развој на дијабетесот ќе успееме и да ги намалиме компликациите.

 

Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Бојан Киров истакна дека ќе има инсулини со проверени сертификати од оргинаторните компании.

 

„Од јануари ќе почне испораката на новите глукометри (апарати за мерење шеќер во крвта) и новите ленти за нив. Дијабетичарите ќе можат да бидат сигурни во точноста на резултатите од мерењето со тие апарати. Се проширува листата на инсулини. Инсулинската криза заврши летоска и оттогаш нема недостиг. Со новиот тендер за набавка на инсулин, кој е при крај, добивме ветување од Министерството за здравство дека дистрибутерите ќе бидат обврзани покрај тековните месечни количини што треба да бидат дистрибуирани, во секое време да има еден месец резерва на сите видови инсулин“, додаде Киров.

 

Светскиот ден на дијабетесот секоја година се одбележува на 14. ноември, во чест на роденденот на еден од пронаоѓачите на инсулинот- Фредерик Бантинг. Годинава Светскиот ден на дијабетесот е посветен на семејството и дијабетесот, а мотото е Дијабетесот го засега секое семејство.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien