ВИДЕО – Чаушоски : Очекуваме околу 200 учесници на првиот прилепски полу маратон кој ќе биде долг 21 км.

На 25 ноември со почеток од 10 часот од плоштадот „Александрија“ во Прилеп, од пред рекламите, каде е и стартно-целната рамнина, ќе започне првиот „Прилепски полумаратон“, кој што е во организација на атлетско рекреативниот клуб „Лотус“ од Прилеп во соработка со Општина Прилеп. Повеќе околу овој настан кој за прв пат се организира во нашиот град поразговаравме со претседателот на здружението „Лотус“ и директор на трката, Божидар Чаушоски.

 

 

Како дојдовте до идеја за организација на овој прв прилепски полумаратон кој што е со должина од 21 км. ?

 

Пред да го регистрираме здружението група ентузијасти 7-8 години учествуваме на разни меѓународни атлетски натпревари, во Србија, БиХ, Хрватска, најчесто тука сме на Балканот. Идиејата дојде токму од нашите пријатели клубови, каде одиме на гости, кои самите изразија желба да организираме трка, за да дојдат да го посетат нашиот град и да учествуваат на една манифестација која ќе се одржи во Прилеп.

 

Колку вакви полумаратони има на ниво на Македонија ?

 

Најголемиот број од трките се одржуваат во Скопје. Скопје годишно има од 4 до 5 полумаратони. Оваа година нашите пријатели од Струмица организираа прв ноќен полумаратон. Тука се и кавадарчани кои исто така организираа ноќен полумаратон. Во Велес минатата недела се одржа полумаратон, значи се поголема е желбата да се организираат натпревари од ваков тип.

 

Каде ќе биде рутата на прилепскиот полумаратон, каде ќе се движат учесниците ?

 

Подолг период работевме на тоа трката да не излегува на регионалните патишта туку таа да се одвива низ улиците на градот. Старот е тука на реклами во 10 часот, потоа се продолжува кон Основниот суд, на кружниот тек се упатуваат учесниците кон новата автобуска станица, потоа по улицата која води кон населбата Точила, покрај црквата Света Петка, потоа се продолжува кон интернатот, се слегува потоа по улицата „Марксова“, на кружниот тек кај Поштата се врти кон улицата која води кон касарните, после тоа се врти кон центарот на градот. Во центарот на градот имаме делба, оние кои трчаат на рекреативната трка, во состав на полумаратонот ќе има и рекреативна трка со должина од 5 км., тие учесници продолжуваат покрај зграда „Македонија“ до финишот тука во центарот на градот, а оние пак кои учествуваат на полумаратонот продолжуваат кон „Табана“ до „Солидност“ каде на кружниот тек се врти по улицата „Александар Македонски“ преку „Димо Наредникот“ се враќаат до Основниот суд и потоа прават уште два вакви круга завршувајќи тука во центарот на Прилеп.

 

 

 

Колку пунктови ќе има каде ќе можат да се освежат учесниците ?

 

Бидејќи се работи за трка во кругови направивме во рамките на еден круг да има 2 освежителни пункта. Што значи ќе има пункт за освежување на секои 3,5 км. Вкупно 6 во рамки на полумаратонот, односно 1 освежителен пункт за оние кои ќе ја трчаат рекреативната трка.

 

Спомена дека освен полумаратонот долг 21 км, ќе имате и рекреативна трка долга 5 км. ?

 

Да, на неа очекуваме поголема масивност, со оглед на тоа дека е помала трка и секој може да си ја дозволи. Временските услови токму во овој период се најдобри за трчање, не е жешко, не би требало да биде и многу ладно. Околу 10-тина степени се предвидува да биде температурата. Исто така за рекреативната трка дадовме мала мотивација за оние здруженија, фирми или клубови, тим билдинг натпреварување, со можност да пријават тројца натпреварувачи кои ќе се натпреваруваат под исто име или атлетски клуб. Бројот на учесници тука е одредено да биде најмалку тројца, а максимумот не е одреден. Се земаат времињата на најдобрите тројца. Исто и за нив осмисливме награди, пехари за прво, второ и трето место во здруженија, пехари за генерален пласман во полумаратонот, пехари ќе има и во категорија од 50 години па нагоре, исто и во полумаратонската трка.

 

Досега колку учесници се имаат пријавено на овој полумаратон, колкава бројка очекувате и дали освен од Македонија ќе има гости од странство ?

 

Пред самото отворање на пријавувањето бројката која ја имавме како зацртана цел беше околу 200 натпреварувачи. До овој момент имаме пријавено нешто повеќе од 150 пријавени учесници. На трката ќе има учесници и од Србија, Црна Гора, Хрватска, БиХ и натпреварувачи од Мировниот корпус во Скопје кои се од САД.

 

 

До кога трае пријавувањето и каде може да го направат тоа оние кои што сакаат да бидат дел од овој полумаратон ?

 

Пријавувањето трае до наредната среда на 21 ноември до 12 часот напладне. Секоја кој сака да учествува јас лично го поканувам. Апелирам да не се чека последниот рок, да се приијавуваат порано. Со тоа ќе ни се помогне и нас за да се иизготват навремено стартните броеви. Стартните броеви се со чипови, значи мерењето ќе биде како на големите маратонски трки.

 

Каде може да се пријават оние кои сакаат да бидат дел од овој настан ?

 

Може да пријават на официцијалната страна на полумаратонот www.prilephalfmarathon.ml, исто така може да го посетат и нашиот евент на ФБ, Prilep Half Marathon, таму ги имаат сите потребни информации.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien