Ќе се реконструира булеварот „Гоце Делчев“ во Прилеп

Советот на Општина Прилеп денеска ја одржа редовната 21 седница, на која советниците расправаа за прашања поврзани со работата на локалната самоуправа, јавните претпријатија и легализација на бесправно изградени објекти.  На дневниот ред се најдоа извештајот за извршување на буџетот на Општина Прилеп за третиот квартал од тековната година, измената на распоредот на буџетските средства за 2018 година, како и плановите за развојните Програми на Општината за следната 2019 година.

 

„Советот денеска донесе одлука за реализација на неколку капитални проекти за следната година, како што е комплетната реконструкција на булеварот ‘Гоце Делчев’ и дел од улицата ‘Прилепски бранители’, за што ќе бидат одделени 40 милиони денари од буџетот на Општина Прилеп. Потоа, реконструкција на мостот на улица ‘Трајко Николоски’ кој се наоѓа во близина на магацините на некогашниот „Центропромет“, а со 35 милиони денари ќе се доврши реконструкцијата на градскиот стадион „Гоце Делчев“, кој од минатата власт го наследивме во сегашната состојба“, изјави Миле Талевски, претседател на Советот на Општина Прилеп.

 

 

Прилепските советници денеска дадоа “зелено светло“ за доделување парична помош на земјоделците кои претрпеа штети на земјоделските култури, после невремето кое во јули оваа година го зафати регионот на Прилеп и околината.

 

„Донесовме одлука да ја издвоиме максималната законска сума која Општина Прилеп може да ја исплати, а која изнесува 3 отсто од вкупната штета, или 6 милиони денари. Исто така, Советот изврши траен отпис на побарувањата од правни лица и самостојни вршители на дејност по однос на комунална такса за фирма, односно назив на деловна просторија, комунална такса по основ на користење на музика во јавните локали, комунална такса за огласи, објави и реклами и комунална такса за користење простор пред деловен однос, чија вкупна сума изнесува околу 100 милиони денари, или 1,7 милиони евра. Станува збор за побарувања од фирми кои се избришани од Централниот регистер, а кои претходната власт не успеала да ги наплати во периодот од 31.12.2006 до 31.12.2017 година. Отписот е направен на барање на Државниот завод за ревизија“, нагласи Талевски.

 

 

Не седницата беше изгласана и одлуката за одделување на 3,8 милиони денари за набавка на противпожарно возило за потребите на ТППЕ Прилеп, измената и дополнувањето на Програмата за изработка на урбанистички планови на територијата на Општина Прилеп, а на барање на повеќемина граѓани, беше извршена легализација на нивните бесправно изградени објекти.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien