ВИДЕО – Стоматолозите во Прилеп на протест, не се задоволни од договорите на Фондот

Поради катастрофалната состојба во која се наоѓаат стоматолозите и нивната просечна плата од 15.000 денари, излеговме денеска за да го искажеме нашиот револт поради лошиот договор кој ни беше испорачан од Фондот за здравство. Договорот прво е противзаконски, значи не е во согласност со Законот за здравствено осигурување и Законот за здравствена заштита. Ова денеска во Прилеп го истакнаа стоматолозите кои попладнево излегоа на протест пред Здравствениот дом во Прилеп. За да се усогласи договорот со Фондот бараат потпишување на анекс на стариот договор.

 

 

„Клучни проблеми произлегуваат од контрадикторноста на мрежата на 1.000 жители на 1 тим, а потребата за економска исплатливост на една амбуланта е 2.000 пациенти на еден тим. Другите проблеми кои произлегуваат од него се според Законот за здравствено осигурување, Фондот како откупувач на услуга од страна на амбулатнтите, тој не ги исплаќа услугите до 100%, односно пациентите по закон треба да платат само 20% од вкупното учество на цената, а 80% да го исплати Фондот. Кај нас тоа не се случува. Исто така проблем има во однос на договорот кој не е усогласен спрема стоматолошката дејност. Многу одредби во договорот се помешани со општа медицина, односно со таа гранка од медицината. Средствата кои ги исплаќа Фондот на годишно ниво се многу мали, за еден пациент Фондот исплаќа 480 денари, кои заедно со партиципацијата не успеваат да покријат ниту една пломба, а камоли да ги покријат другите работи кои ги наведува Фондот како дополнителни финансиски обврски на една амбуланта“, вели Дафина Богеска, претседател на Регионален одбор на стоматолози Прилеп.

 

Богеска истакна и тоа дека Фондот ги надминувал своите законски ингиренции, кои ги дава Законот за здравствено осигурување и Законот за здравствена заштита. Новите договори воедно барале дополнителни покани да се испраќаат до пациентите и доколку пациентот не се јави на поканата, казни во однос на докторите, односно амбулантите и скратување на средствата кои се предвидени за услугите кои ги даваат.

 

„Други проблеми кои произлегуваат со новиот договор со Фондот исто така се дополнителни финансиски обврски за дигиталниот сертификат, кој за понатаму ќе ни биде потребен во работата. Барањата кои ги имаме за да се смени оваа ситуација и овој катастрофален договор е да се направиме моментално анекс на стариот договор, со цел да се продолжи рокот за да се издефинираат новите услови во новиот договор и да се усогласи со Законот за здравствено осигурување, со тоа што преговорите да започнат за промена на цел модел на исплата и усогласување со Законот за здравствено осигурување. Исто така да се зголеми буџетот од 599 милиони и 300 илјади денари на 1 милијарда и 200 милиони денари, поради тоа што средствата кои се одвоени се многу мали и изнесуваат помалце од 1% од вкупниот буџет за здравство, или 1/4 од буџетот за општи лекари. Исто така да се корегира и мрежата спрема нормативите за економска исплатливост на една амбуланта, бидејќи со овие услови не можеме финансиски да опстоиме ниту како доктори, ниту како амбуланти, а воедно и квалитетот на услугата опаѓа на штета на пациентите“, додаде Богеска.

 

 

Стоматолозите порачаа дека овие барања биле со цел да се создадат рамноправни и нормални услови за работа, за да можело еден стоматолог  да заработи нормална плата, како што доликувало за секој доктор во државава.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien