ВИДЕО – Во недела Прилеп ќе биде домаќин на првиот меѓународен атлетски полумаратон

Со организацијата на полумаратонот во должина од 21 километар и рекреативната трка на 5 километри, кои ќе се одржат во недела, 25 ноември низ улиците на градот, Прилеп влегува на атлетската карта на Македонија и поширокиот регион. Тоа е главната цел на организаторот на трките, Атлетско рекреативниот клуб „Лотус“ од Прилеп, кој трката која е од меѓународен карактер, ја организира во соработка со Општина Прилеп.

 

 

„Прилепскиот полумаратон се организира за прв пат и на него учество ќе земат околу 200 натпреварувачи од Македонија и државите од поранешна Југославија. Полумаратонот се трча 3 кругови по 7 километри низ улиците на Прилеп, а стартот е од пред ‘реклами’. Промотор на трката е државниот првак на Македонија во маратон, Александар Кираџиев. Од познатите имиња учество ќе земат македонскиот атлетичар Игор Јакимовски, Милош Микиќ од Црна Гора кој е еден од фаворитите на 5 километри, потоа Горан Христов, Тодор Анчев и Кристијан Наумовски“, изјави претседателот на АРК „Лотус“, Божидар Чаушоски.

 

За безбедноста на учесниците и за регулирање на сообраќајот, ќе се погрижат надлежните од Полициската станица од општа надлежност Прилеп и педесетина ученици од сообраќајната струка од СОУ „Ристе Ристески-Ричко“.

 

Почетокот на трката е закажан за 10 часот, додека медалите и признанијата на најдобрите ќе им бидат доделени во 14 часот. АРК „Лотус“ е формиран на почетокот на оваа година и неговите членови досега учествувале на петнаесетина трки, од кои повеќето се одржувале надвор од државата.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien