ВИДЕО – Стопанствениците од Прилеп бараат решение како да го стопираат иселувањето на младите

Поради масовното иселување на младите, компаниите во Македонија се повеќе се соочуваат со проблемот од недостиг на работна рака. Во некои случаи тоа е и алармантно. Истиот проблем го имаат и прилепските компании. Веќе јавна тајна е дека доколку влезе уште еден поголем странски инвеститор во ТИРЗ Прилеп, тој тешко дека ќе најде доволен број на работници. Токму затоа Регионалната стопанска комора од Прилеп формира работна група која работи на решавање на овој проблем.

 

 

„Првиот проект на кој работи оваа група е зајакнување на соработката помеѓу компаниите и средниите стручни училишта. Односно отворање на вратите на компаниите за практична настава на средношколците. Таа практична настава ќе ја одржуваат ментори од компаниите и од училиштата. Компаниите индивидуално ќе одлучуваат за мерките на стимулација на средношколците и на менторите во овој процес“, изјави Јасмина Цветаноски, претседател на работната група.

 

Домашните компании истакнаа дека за да бидат конкуретни ќе побараат да ги имаат истите бенефиции кои ги добиваат странските инвеститории во ТИРЗ-овите.

 

„Потребата е на домашното стопанство да биде најмалку еднакво конкурентно како и странските работодавачи во Македонија. Сигурно дека ќе излеземе со предлози, односно иницијатива за измена и дополнување на законот за ТИРЗ-ови“, кажа Орде Ѓорѓиоски, директор на правна служба.

 

Од Регионалната комора порачаа дека работодавачите мора да започнат да ги покачуваат платите како еден од најважните услови младите да останат дома. И дека државата конечно морала да започне да се занимава со економија и да им помогне на компаниите.

 

„Работодавачите време е да работат на надоградба на животниот стандард на своите вработени како основен капитал.  Но нормално е да внимаваме да не ја изгубиме конкурентската позициија, особено на извозно ориентираните компании, бидејќи конкурентската позиција на компаниите од Македонија, кои што се извозно ориентирани во Европа и не е баш поволна. Меѓутоа затоа треба да се бараат нови норми и форми. Затоа работиме постојано со одредени владини институции за да се направи инвестиција во технологија нешто што ќе помогне да се задржи извозно ориентирана конкурентска позиција“, изјави Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.

 

Од наредната година Комората ќе правела детална анализа за тоа кои кадри точно му се потребни на стопанството во прилепскиот регион за да се даделе насоки каде можело да се насочат младите при запишувањето во средно и високо образование.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien