Филипче најави нов тендер од 35 милиони евра за реагенси

Министерството за здравство не се откажува од набавката на реагенси за лабораториските анализи во вредност од 35 милиони евра со која треба да се воспостави посебен систем во кој ќе бидат поврзани сите лаборатории кои се под капата на јавното здравство. За недела до две тендерот за набавка ќе биде повторно распишан, откако првиот пат беше поништен, а јавното обвинителство отвори постапка за случајот.

Министерот за здравство Венко Филипче, најавува дека во новата постапка за јавна набавка се испочитувале забелешките што ги дала Комисијата за јавни набавки, па така, наместо целата набавка да биде неделлива и да оди во еден лот, во новиот тендер ќе има 7 лота, односно она што се набавува ќе биде групирано во седум ставки и секоја заинтересирана фирма ќе може да конкурира за сите или само за некои од лотовите.

 

Филипче објасни дека го напуштаат концептот да има само осум централни лаборатории во целата држава, туку лабораторија ќе има во секој град. Во главниот град, наместо во 11 поликлиники, лаборатории ќе има само во 5 или 6. Во Клиничкиот центар ќе има една централна лабораторија, но ќе останат и оние на клиниките каде што се прават специфични анализи како Инфективната клиника или Клиниката за гинекологија. Во Штип, на пример, наместо три лаборатории, ќе остане само една централна, во болницата.

 

„Важно е дека на пациентите ќе им се зема крв на истите места како и сега, а потоа крвта ќе се транспортира до главната лабораторија во градот. Отпуштања на вработените во лабораториите нема да има. Очекуваме на сумата од 35 милиони евра, да направиме заштеда од 5-6 милиони евра кои ќе се инвестираат во платите на вработените во јавното здравство“, рече Филипче.

 

Со тендерот ќе се бара операторите кои ќе се јават да обезбедеат бесплатни апарати и бесплатен сервис на апаратите, бидејќи според Филипче, сега се трошат дополнителни средства токму на сервис на лабораториските апарати.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien