МОН ќе додели 880 стипендии на средношколци Роми

Министерството за образование и наука за учебната 2018/2019  година ќе додели 880 стипендии за ученици Роми од јавните и приватните средни училишта, во пет категории. Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020, Аксел Ахмедовски.

 

Тој посочи дека ромската заедница, особено младите, го сфатиле значењето на образовниот процес и додаде оти секоја година се зголемува бројот на ученици запишани во средно образование и во високообразовните институции.

 

„Кабинетот кој го раководам почна со подготовка на национален акциски план за култура кој е во согласност со Стратегијата за Роми и е во насока на зачувување на ромската култура и традиција. Со цел да се обезбеди активно учество на граѓанскиот сектор во процесот на подготовката на овој стратешки документ, кабинетот објави јавен повик до сите ромски културно уметнички здруженија, уметници и културни работници и со оваа активност ќе се обезбеди и дата на база за вакви здруженија и културни работници“, рече Ахмедовски.

 

Овој повик е објавен на веб страницата на министерот без ресор и  отворен до 30 ноември годинава. Ахмедовски ги повика сите заинтересирани да се пријават на повикот.

 

Директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на припадниците на помалите етнички заедници Милутин Станчиќ соопшти дека годинава се предвидени 880 стипендии, а лани биле предвидени 752 стипендии, а од нив биле доделени 736.

 

„Конкурсот оваа година ќе трае до 12 декември 2018 година.Во првата категорија се предвидени 200 стипендии за ученици, во втората 320, во третата 160, во четвртата 50 и во петата категорија со успех до 2,99 се предвидени 150 стипендии. Средствата за овие 880  стипендии целосно се обезбедени од Управата за развој и унапредување на образованието на припадниците на помалите етнички заедници, како орган во состав на МОН и вкупниот износ е 10 милиони 980 илјади денари“, рече Станчиќ.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien