ВИДЕО – Клубовите за лекувани алкохоличари функционираат без денар државна помош и без вработен стручен кадар

Животот со алкохолот е пекол. Ако имате алхоличар дома трпи цело семејство. Еве веќе 11 години редовно го посетувам клубот „Методија Николоски – Мец“. Доколку не постоеше овој клуб за лекувании алкохоличари во Прилеп незнам каде ќе бев сега. Вака ја започнува својата животна приказна претседателот на клубот Стојан Мечев, кој 2 години се наоѓа на оваа позиција.

 

 

„Членовите на овој клуб ме мотивираа и убедија да стапам во апстиненција. Ме убедија дека имам проблем со алкохолот. Ме примија прво терапевтите во неуропсихијатриското одделение во прилепската болница, таму поминав 10 дена. Од тогаш постојано го посетувам овој клуб и чест ми е сега што сум негов претседател. Да не беше овој клуб по се изгледа ќе си го продолжев истиот пат. Тоа е пат на пеколот. Тешко е. Се знае како изгледа едно семејство каде има алкохоличар, што се би трпеле децата и жената“, вели Стојан Мечев, претседател на клубот.

 

Стојан Мечев, претседател на клубот

 

Утре клубот одбележува 40 години од своето постоење. Формиран е на 29 ноември 1978 година и го формира примарис д-р Методија Николоски – Мец, кој започнал да работи со неколку лица кои имале проблем со алкохолот и тоа по програмата на професор Худонин. Клубот е еден од најстарите во Македонија. За 40 години низ клубот поминале 3.600 граѓани кои имале проблем со алкохот и после болничкото лекување продолжиле тука да ја одржуваат апстиненцијата. Моментално клубот брои 60-тина членови. Во Македонија има неколку вакви клубови во Скопје, во Прилеп, битолскиот во состав на клиничката болница и истурено одделение во Неготино. Најстариот член на клубот e Ташко Причков кој тука доаѓа од 1984 година. Се потсетува како започнал да доаѓа тука.

 

„И самиот бев свесен дека сум тежок случај на зависник од алкохол. Пред да се сретнеме со докторот Методија Николоски јас и додека пиев размислував како можам да се спасам од тоа зло, но не знаев како. Излегувајќи од кафеаната ме сретна докторот и ме праша дали сакам да се излекувам. Тој ги познаваше сите алкохоличари во Прилеп. Јас му реков дека сакам, но дека незнам како. И така прво отидов на одделението во болницата и започнав со апстиненцијата“, раскажува најстариот член на клубот Ташко Причков.

 

Ташко Причков, најстар член на клубот

 

 

Петре Стеваноски кој 25 години е апстинент и кој напишал и книга за сето она што еден алкохоличар го доживува, книгата се вика „Без алкохол – здрав живот“, вели дека младите денес се повеќе стануваат зависници од алкохол. Бројките биле фрапантни.

 

„Овој клуб тежи кон тоа да ги одржи апстинентите во апстиненција, но уште поголема борба води со едукацијата на младата популација во државава, бидејќи застрашувачки е порастот на алкохолот кај младите. Некогаш младите започнувале да се дружат со алкохолот на 14 години, а денес таа бројка е намалена на 12 години. Тоа значи дека застрашувачки е бројот на млади лица кои конзумираат алкохол. За жал не се доволно едуцирани младите да разберат дека алкохолизмот е порок, дека тој е болест и дека треба да се лечат. За нив е несфатливо дека треба да започнат да се лечат. Несфатливо им е да отидат во друштво на некоја прослава без алкохол“, кажа Стеваноски.

 

Петар Стеваноски, 25 годишен апстинент

 

Клубот моментално функционирал на волонтерска основа со 50 денари месечна членарина. Специјалистот по медицинска психологија, Јован Велески, кој работи како терапевт во клубот и им помага на овие луѓе вели дека државата пред се треба да одделува многу повеќе средства за овие клубови. Со тоа ќе се заштеделе многу пари кои сега Фондот ги дава за лекување на лицата кои имаат проблем со алкохолот.

 

„Финансирањето треба да се одвива бидејќи бројот на зависници од алкохол во Македонија во моментов е над 83.000 лица. Исто така не е покриен женскиот алкохолизам и мислам дека тоа е една категорија која допрва ќе прави проблем во државава. И генерално може да се сублимира таа проблематика преку овие клубови. Треба да се формираат и женски клубови и клубови на жртви од алкохолот, членови на семејства каде има алкохоличар. Семејното насилство во 90% е предизвикано од алкохолизам. Еден болнички ден за еден алкохоличар чини 2.400 денари. Ако лежи најмалку 2 недели тоа се околу 30.000 денари кои ќе го коштаат Фондот. Тука посетата се одвива со 50 членарина и се одржува апстиненцијата затоа што техниките и мрежата е разработена. Значи сега замислете ако имаме 10 алкохоличарии кои лежат на болница тие ќе го коштаат Фондот 5.000 евра. Значи се заштедува со посетата на овој клуб“, вели Велески.

 

Јован Велески, специјалист по медицинска психологија

 

Исто така Велески вели дека клубот функционирал со тоа што медицинскиот кадар од неуро-психијатриското одделение на општата болница волонтирал тука, но потребно било ваквите клубови да имаат вработено постојан персонал кој ќе им помага на зависниците.

 

„Кога има професионализам работата е на повисоко ниво. Ако има вработено професионалец тука сигурно дека таа работа ќе функционира многу попродуктивно. Ќе има повеќе ангажмани, професионална агенда и јас сметам дека во Македонија би требало секоја општина, на терет на нејзиниот буџет, да си вработи стручно лице кое ќе се занимава со оваа проблематика во соработка со медицинските центри и центрите за социјална работа“, додаде Велески.

 

Клубот често пати го посетуваат и студенти на волонтерска основа. Еден од нив е Натали Здравеска студент на психологија која вели дека има голем број нејзини врсници кои конзумиираат алкохол во големи количини.

 

„Преку апстинентите и психотерапевтите одржани се многу предавања како на мојот факултет така и на другите, само со цел да се пробуди свеста на младите лица. Се надеваме дека преку сето ова ќе му докажеме на младите дека станува збор за голема проблематика. Според она што сум на границата да студирам како психолог, а и воедно да имам ноќен живот мислам дека е во голема количина застапен алкохолот кај младите и јас вложувам да се разбуди свеста кај нив“, истакна Натали Здравеска, студент по психологија.

 

Натали Здравеска, студент по психологија

 

Утре е денот кога клубот ќе наполни 4 децении. За ова време спасени се многу животи, доколку не би постоел овој клуб голем број семејства ќе биле растурени,  токму затоа државата и општината е должна по секоја цена да им помогне на зависниците и на апстинентите и тие да имаат нормален живот. Потребно е итна финансиска поддршка на овие клубови и вработување на стручни лица.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien