„Малата сирена“ – музичко/сценски спектакл за деца и млади во недела во Прилеп

Танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности „Зодијак“ од Прилеп во партнерска соработка со Училиштето за театар Чин 4 Сцена 5 од Прилеп, во недела  на  02 декември  2018 година во големата сала на Н.У. Центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток од 11:00 часот, премиерно ќе ја изведе новата хит претстава за деца и млади со наслов МАЛАТА СИРЕНА.

 

„Најголемиот предизвик во подготовките и адаптацијата на цртаниот филм Малата сирена од Дизни за сценска изведба не е само технички, но и комичен пред се во намерата да се најде начин да се репродуцира извонредниот магичен вокален лик на ракот Себастјан во изведба на Семјуел Врајт, а воедно и збогатувањето на македонскиот фонд на адаптирани дела од светската драматургија надополнети со македонски сонгови кои дополнително го збогатуваат овој вид на музичко-сценско дело”, велат од „Зодијак“.

 

Дејството се случува во три слики: на површината од морето, на дното и на копното. Формулата на Дизни е позната како и секогаш: малата и убава сирена Ариел има прекрасен глас и живее на дното од океанот но има авантуристички дух и претпочита да истражува. Противејќи се на својот татко кралот Трајтон и прекршувајќи ја забраната за посета на површината на водата, малата тинејџерка се заљубува во прекрасниот принц Ерик. Желбата да се биде со него, да танцува и прави се тоа што прават луѓето е преголема па го дава во залог својот прекрасен глас во замена за нозе кај морската вештерка Урсула. Љубовната приказна помеѓу Ариел и Ерик е проткаена со безброј случки, емоции и убави певливи сонгови на македонски јазик, од вообичаената Дизниева практика, убави разиграни кореографии и мизасценски решенија, колоритни костими, кои се уредно спакувани пополнувајќи ги сите дупчиња во една детска магична сложувалка.

 

 

Преводот на текстот е на Благојче Николоски, драматизацијата и адаптацијата на македонски е на Кире Миладиноски, режија, костимографија, сценографија, кореографија, кукли и сонговите на Кире Миладиноски, музика Алан Менкен и Томе Темелкоски, дизајн на рекламен материјал и светло мајстор Саша Нацевски, играат: Марија Костоска, Деспина Башеска, Дамјан Трајкоски, Лилјана Јованоска, Ивана Стеваноска, Евгенија Кузманоска, Благојче Николоски и Марија Стеваноска.

 

Оваа продукција е потпомогната од Министерството за култура на Република Македонија-национална програма 2018 и Локалната самоуправа на Општина Прилеп, а како копродуцент партнер е Н.У.Ц.К. Марко Цепенков од Прилеп што воедно е матична сцена каде работи танц студиото и училиштето за театар Чин 4 Сцена 5.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien