Маријана и Владимир без поддршка од Општина Прилеп и државата за искачувањето на Аконкагва

Прилепчаните Маријана Ѓорѓиевска и Владимир Јованоски без поддршка од Општина Прилеп за нивниот подвиг – искачување на врвот Аконкагва, во Аргентина, кој е највисокиот врв во Јужна Америка и еден од 7-те сумити во светот. Општината не можела да им помогне бидејќи барањето кое го поднесле за парична помош било на физичко лице, а не на здружение. Сега тие ќе мора средства да собираат преку организирање на донаторска вечер.

 

„Денеска не известија дека нашето барање е одбиено бидејќи неможело општината да даде пари на физичко лице. Еднаш општината ни помогнаа кога го искачувавме Елбрус, највисокиот врв во Европа, со симболична сума. Искрено сме разочарани, но што е тоа е. Во барањето наведовме кои сме и што имаме досега постигнато, дека имаме активен планинарски клуб кој се уште не е регистриран како здружение, но за жал ете Општината не најде можност да ни помогне и покрај нашите претходни успеси и презентирање на градот и Македонија на светско ниво. Но не се предаваме, иако е тешко, така што сега не ни преостанува ништо друго туку за нашиот подвиг да организираме донаторска вечер. Односно за време на прославата за 2 годишнината од формирањето на нашиот клуб, која ќе се одржи на 7 декември во клубот Take Five ќе поставиме кутија за донаци. Кутијата ќе ја поставиме на роденденот 07.12.2018 и ќе стои до 17.12.2018 во Take Five“, велат Маријана и Владимир.

 

Досега како спонзори се јавиле компаниите Витаминка со брендовите Цевитана и Стоби Флипс и Мермерен Комбинат. А како поддржувачи биле фирмите Жалфија, Инако, Тритекс, Млеката Мики. Но за жал Маријана и Владимир се далеку од потребната сума, 8.000 евра, колку што ќе чини целата експедиција за двајцата.

 

Експедицијата ќе биде заедно со други планинари од Балканот и планирано е да трае 28 дена. Аконкагва е еден од поекстремните врвови каде ризиците се прилично тешки и планинарите се соочуваат со температури од – 30 до – 40 целзиусови степени. Се спие во специјални шатори и се користи скапа опрема. А вода пак за пиење воопшто не постои, се топи снегот па се пие.

 

Како за потсетување претходно Ѓорѓиевска и Јованоски за краток период од само околу 2 години ги поставија темелите на високогорското планинарење во Прилеп искачувајќи ги врвовите Монт Блан, Полукс, највисокиот врв во Европа Елбрус, највисокиот врв во Австрија – Гросглокнер, највисокиот врв во Германија – Жугшпице и други. Тие се вистински амбасадори не само на Прилеп туку и на Македонија.

 

Дали ќе бидат и првите прилепчани кои ќе се искачат на највисокиот врв во Јужна Америка, висок 6.962 метри, по се изгледа ќе зависи од донациите на луѓето, наместо од оние кои се должни да го поддржуваат спортот, општината и државата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien