ВИДЕО – Изложба на Асоцијацијата за деца и младинци „Ластовица Прилеп“

Во галеријата „Борко Лазески“ при ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржа изложба на дела од лицата со посебни потреби од Прилеп. Организатор е Асоцијацијата за деца и младинци „Ластовица Прилеп“ која е подружница на асоцијацијата „Ластовица“ од Скопје. „Ластовица Прилеп“ работи 5 години на територија на Прилеп и се занимава со решавање на проблемите, актуелностите околу грижата на децата и младинците со посебни потреби. Таргет група на асоцијацијата се децата со посебни потреби, без разлика од која вид на попреченост.

 

 

„Ова е завршен настан на еден проект во соработка со локалната самоуправа на Општина Прилеп. Проектот беше насловен „Јас сум креативен“, се со цел да докажеме дека лицата без разлика на нивната попреченост се доста креативни, што може да се види од изложеното. Проектот имаше повеќенаменско значење. Како прво беше да докажат лицата дека имаат свои можности и способности, а од друга страна беа ангажирани во вид на окупациона терапија, која за нив многу значеше и во текот на изминатата година беа активно ангажирани во работилниците во изработка на цртежите изработени во различни техники. Како трето овој проект имаше за цел инклузија на овие лица во општеството. Беа работени заедно со останатите ученици, посебно можам да нагласам учениците од основните училишта Климент Охридски и Кочо Рацин. Во нивна соработка заеднички изработуваа цртежи кои денеска се изложени“, рече Светлана Миотовиќ Томеска, дефектолог.

 

Проектот се состоел од 10-тина работилници кои биле насловени во зависност од техниката која се одработувала на самите работилници.

 

„Лицата со попреченост секогаш се борат за своето место во општеството. Меѓутоа од година во година, како се повеќе зборуваме за нивните можности и способности се решаваат и донекаде нивните потреби. Меѓутоа се уште како општество ние далеку стоиме од решавањето на низа горливи проблеми, како во образование, здравство и вработување на овие лица, меѓутоа со секој нареден чекор одиме на решавање, затоа што нашата држава е потписник на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и се настојува колку може, во рамките на можностите на општеството и државата да се исполнуваат тие“, додаде Миотовиќ Томеска.

 

Засега нема регистар основан за бројот на лицата со попреченост во Прилеп исто како што нема официјално и на ниво на Македонија. Се фигурира на ниво на Македонија со 10% од вкупното население, меѓутоа различните попречености носат различен број на лица со попреченост.

 

„Тие на ниво на Прилеп конкретно се опфатени во неколку институции, како на пример дневни центри, посебни паралелки во дневните училишта, меѓутоа се уште на лицата им се потребни низа сервисни служби за решавање на низа горливи проблеми кои ги мачат, без разлика дали во здравство, образование или при вработување. Во догледно време потребно е отворање на низа сервисни служби дали во здравство, дали при вработување, дали заштитните работилници, меѓутоа и во наредниот период е потребна постојана континуирана работата на подигање на јавната свест и разбирање на предрасудите кон овие лица, затоа што низа години зборуваме за тоа и се уште се бориме со предрасудите“, вели Миотовиќ Томеска.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien