ВИДЕО – Прилепските актери : Наградите од Никшиќ му ги посветуваме на великанот Стефановски

Ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп е добитник на три награди за претставата „Љубовни пози на историјата“ (Figurae veneris historiae) од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска, на Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ, Црна Гора. Прилепскиот театар ги освои наградите за најдобри епизодни женска и машка улога и за најдобра колективна игра на ансамблот. Претставата се одигра само еден по смртта на Стефановски.

 

 

„Беше тоа вечер на измешани емоции, измешани чувства, сите ја чувствувавме загубата. Сепак актерската екипа со една неверојатна енергија ја одиграа претставата и можеби сакаа на тој начин преку нивната сценска игра, преку нивниот сценски говор да му оддадат почит на авторот Стефановски. Пред почетокот на претставата на сцената пред никшичката публика, режисерката Наташа Поплавска имаше краток омаж за ликот и творештвото на Стефановски. Публиката со громогласен и долготраен аплауз му оддаде почит“,Менче Караџоски, в.д. ЦК „Марко Цепенков“.

 

Ова е последен драмски текст објавен на Горан Стефановски. Праизведбата на текстот била во 2014 година, во Љубљана, а по 2 години се поставува во Прилеп.

 

„ За нашата претстава имаше најмалку публика, веројатно бариера им беше јазикот. Со оглед на тоа колку награди собравме, ја пропуштија најубавата претстава на фестивалот. Од една страна ми е жал за нив, од друга страна ми е многу ќеф за нас“, рече Ангела Наумоска, наградена за најдобра женска епизодна улога.

 

„Ми е криво за тоа што оваа претстава беше изведена на театарските игри тука во Прилеп, минатата година, и тоа е некоја чудна работа што нашите “генијалци“ не успеваат да видат каква е всушност таа претстава, кои се нејзините вредности, што ние како колеги, не само јас и Ангела, кажувам колеги како цела екипа, што можеме да понудиме како актери, а не само како колектив. Ние сме многу јаки како колектив, но имаме и поединци кои што стварно растураат во различни претстави“, вели Зоран Иваноски, награден за најдобра машка епизодна улога.

 

„Веројатно ова ни е традицијата која ни се повторува. Ние ги добиваме прво наградите надвор од Македонија, па потоа се враќаме тука, ги одигруваме претставите на Чернодрински, на нашиот, домашниот фестивал, па тогаш не наградуваат. Веројатно правило треба да биде, кога ќе ја дадеме премиерата да излеземе одма надвор од Македонија, да земеме награди, за овдешното стручно гледачко око да знае дека ние всушност нешто правиме, а не се шетаме само по сцената, не ги кршиме за џабе штиците што ни се поставени“, додаде Наумоска.

 

Актерите истакнаа дека наградите ги посветуваат на великанот Стефановски.

 

„ Мене ми е фасцинантно што се има постигнато Горан Стефановски, значи таков човек, да се однесува на исто рамниште со нас, значи тоа е најголемата одлика на човекот, значи тој во моите очи е многу голем човек, приватно и професионално. Професионално знаеме дека е легенда во Македонија и пошироко, во македонската драматургија има многу работи останато што ќе се учат уште долго време во иднина, ама како човек големината негова ме фасцинира. Сакам да кажам дека се измешани чувствата, не знаевме како ќе звучат репликите на сцена. Друго значење добива таа реплика кога знаеш дека си го запознал тој човек, дека ова е последен негов текст, присуствувал кај нас на Војдан Чернодрински, споделувал со нас преку скајп за време на процесот, бевме во постојана комуникација. Што мислел тој дури пишувал, како го создал текстот…“, кажа Иваноски.

 

„ Беше многу поразлично, претставата беше иста, само подруга енергија носеше самата претстава. Не дека не беше толку јако како што било овде, но подруга беше жарта и потребата да се изигра тогаш, баш во тој момент, таа претстава. Колегата наш Димитар Ѓеоргиески на тркалезната маса што се одржуваше после нашата претстава, инаку за секоја претстава имаше тркалезна маса, кажа: „Изненаден сум колку е човек попознат, попочитуван, поголем, колку е почовечен“. Тоа е оксиморон што се случува веројатно, контрапункт самото на себе колку е човек поголем, толку е помал. Ама не зборуваме за големина, зборуваме за човештилук“, истакна Наумоска.

 

„Љубовни пози на историјата“ на прилепскиот театар можеби навистина ќе влезе во историјата бидејќи е првата наградена претстава на Стефановски, одиграна постхумно.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien