Масовни студентски протести во Албанија

Студентите на државните универзитети во Тирана денеска излегоа на масовен протест во знак на револот поради зголемените тарифи на студирање.  Протестот кој беше инициран од страна на студентите на Архитектура доби силна поддршка и од студентите на другите факултети.

 

Студентите се упатија пред зградата на министерството за Образование каде извикуваат пароли  против министерството и Владата на Еди Рама, а фрлаат и јајца, книги и други предмети.

 

Состојбата во Тирана е напната, а на студентите им се придружуваат и граѓани. Организаторите на протестите изјавија дека нема да се прекинат протестите се додека не се повлече одлуката на министерството за зголемување на тарифите.

 

Според албанските медиуми денеска протести се одржуваат и во градот Елбасан од страна на студентите кои се школуваат на државните универзитети. И тие бараат да нема зголемување на тарифите за студии.

 

Минстерката за образование Линдита Никола истакна дека е подготвена да разговара со студентите, но додаде дека плаќањето на годината што ја загубиле било и со стариот закон. На прес конференција по протестите таа направи биланс на реформите во високото образование, од кои, како што рече, нема да се откаже.

 

„Реформите ќе почнат да се спроведуваат од следната година и истите се насочени кон поквалитетно образование. Отстапки од тоа нема“, посочи Никола.

 

Таа меѓу другото нагласи дека се затворени 22 „универзитети-киосци“, бидејќи „нема да дозволи универзитетите да станат „финансиска дупка“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien