„Писмото за Бог“ на Ајнштајн продадено за 2,9 милиони долари

Ракопис на Алберт Ајнштајн, познат под името „Писмо за Бог“, се продаде на аукција во Њујорк за 2,89 милиони долари, постигнувајќи двојно повисока цена од очекуваната. Наддавањето за писмото траело само четири минути.

 

Писмото од една и пол страна Ајнштајн го напишал во 1954 година додека живеел во Принстон, американската сојузна држава Њу Џерси, како одговор на книгата на Ерик Гуткинд од 1952 година, во која пишува за еврејството, Израел и модерното време.

 

Во него, нобеловецот ги искажува своите ставови за Господ, Библијата и за јудаизмот и се смета за доказ дека тој бил атеист, иако лично не сакал така да се означува.

 

„Зборот Господ за мене не е ништо друго освен израз и производ на човечките слабости, а Библијата е колекција на чесни, но, сепак, примитивни легенди, кои притоа се доста детски“, пишува Ајнштајн на германски јазик.

 

Во писмото, тој го нагласува и своето разочарување од јудаизмот.

 

„Еврејската религија, како и сите останати, е инкарнација на најдетските суеверија. Еврејскиот народ, на кој јас со задоволство му припаѓам, за мене нема подобри квалитети од некои други народи. Ниту еден народ не е ‘избран‘“, вели Ајнштајн.

 

Според биографијата за научникот од 1996 година, Ајнштајн бил религиозен како дете. Но, на возраст од 13 години „тој ја напуштил некритичната страст за религијата, чувство кое го прелажало да верува во лаги“.

 

Тој изјавил дека верува во „Богот на Спиноза“, референца на Барух Спиноза, холандскиот мислител од 17-тиот век – „Бог кој е присутен во мирната хармонија на светот, а не Бог кој се меша во судбините и однесувањата на човештвото“.

 

Во друга прилика, Ајнштајн ги критикувал и „фанатичните атеисти чија нетолеранција е идентична со нетолеранцијата на религиозните фанатици“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien