Тензично по најавите на Косово дека до крајот на годината ќе формира косовска армија

Регионот повторно исполнет со тензија по најавите на Косово дека до 14 декември, спротивно на сите договори, ќе формира косовска армија. Реакции за овој контроверзен потег на Косово пристигнуваат од секаде.

 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг предупреди дека не е време Косово да формира војска и оти се можни последици.

 

„Намерата да се продолжи со трансформација на косовските безбедносни служби во војска не е потег во вистинско време, и е спротивен на советите на НАТО сојузниците и може да има последици врз евроатлантската интеграција на Косово“, изјави денеска Столтенберг по состанокот на НАТО за Западниот Балкан.

 

Тој додаде дека НАТО ги поддржува косовските сили во рамки на нивниот сегашен мандат.

 

„Доколку мандатот на косовските безбедносни служби еволуира, Северноатлантскиот совет ќе мора да го ревидира степенот на ангажман во Косово“, рече Столтенберг.

 

Руското МНР, пак, реагира дека формирањето косовска војска е спротивно на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Во нивното соопштение се вели дека Резолуцијата предвидува на територијата на Косово да има распоредено мултинационални контингенти под меѓународна контрола.

 

Српската премиерка Ана Брнабиќ по повод највите за формирање на Косовска војска изјави дека се надева да Србија нема да мора да ја употреби својата армија.

„Се надевам дека никогаш нема да мораме да ја употребиме нашата војска, но во моментот тоа е една од опциите на маса, бидејќи не можеме да гледаме ново етничко чистење на Србите и нови бури, иако (премиерот на Албанија) Еди Рама тоа го повикува“, истакна Ана Брнабиќ на прес конференцијата во Владата на Србија.

 

Премиерот на Косово Рамуш Харадинај изјави денес дека Косово не формира војска за северот на земјата и дека таквите изјави на српските претставници се „чиста лага“.

 

„Косово формира војска за Авганистан и Ирак, за да им помогне на другите земји“, изјави Харадинај, уверувајќи дека нема да има војна со Србија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien