Втора доживотна казна за најкрвавиот руски сериски убиец, додадени му се уште 56 убиства

Најголемиот руски сериски убиец Михаил Попков кој беше осуден на доживотен затвор за убиствата на 22 жени, денеска доби уште една доживотна казна за убиствата на уште 56 лица, од кои 55 жени и еден полицаец.

 

Овој 53-годишен поранешен полицаец, кој од руските медиуми беше наречен „Ангарскиот манијак“, ги извршил монструозните убиства во близината на Иркутск во периодот од 1992 до 2007 година, а пет години подоцна од последното убиство бил фатен во далечниот Владивосток врз основа на ДНК доказ најден во неговиот автомобил.

 

Властите соопштија дека дел од убиствата тој ги извршил додека бил на должност, користејќи ги униформата и полицискиот автомобил да ги намами жртвите. Попков на жртвите им нудел превоз во ноќните часови, по што ги убивал со чекан и секира, а телата ги закопувал во шумите. Сите жртви биле од 15 до 40 години, а десет од нив биле силувани.

 

Тој пред Судот тврдеше дека ја чистел областа од градот Ангарск од неморални жени.

 

Со новите жртви поврзани со Попков, тој стана најмасовниот сериски убиец, односно со најголем број жртви во руската и во советската историја. Зад него остана Андреј Чикатило кој  беше осуден на смрт во 1992, а погубен во 1994 година за силување, касапење и во дел од случаите канибализам на 52 луѓе. Александар Пичушкин пак, познат како „Убиецот на шаховската табла“, во 2007 година беше осуден на доживотен затвор за 48 убиства.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien