Трибина за поткревање на јавната свест против родово базираното насилство

По повод 25-ти ноември – Меѓународниот ден за спречување на насилство врз жените и девојките и светскиот 16. дневен активизам за подигање на јавната свест по однос на оваа тематика, Општина Прилеп на иницијатива на градоначалникот Илија Јованоски организираше трибина на тема „Стоп за насилството врз жените и девојките“.

 

Во присуство на повеќе претставници од здруженија на граѓани, јавни институции, поединци и други засегнати страни од проблематиката со семејното насилство и насилството базирано на родова база, трибината ја отвори градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, истакнувајќи дека иако ова е последниот ден од кампањата „16 дена активизам против насилството врз жени и девојки“ напорите за поткревање на јавната свест за овој проблем треба да траат секој ден, преку целата година и да бидат вклучени сите.

 

„Наша обврска е да градиме современо општество во кое правната држава и институциите ќе ги гарантираат правата на своите граѓани, без полова дискриминација. Во оваа борба, која има за цел спречување на семејното насилство, треба да бидат подеднакво вклучени сите надлежни институции. Таа бара висока граѓанска свесност и вклученост на сите граѓански организации, социјални групи, поединци, сите ние, за да изградиме заедно демократско општество во кое ќе гарантираме безбедност, достоинство, сигурност и спокој на секој поединец, на секоја жена. Со зголемена и перманентна свесност и будност првин на надлежните институции, преку кампањи и други активности, да ја сензибилизираме заедницата и сите нејзини членки со цел „Стоп за насилството врз жените и девојките“. Да го дадеме сите придонесот, за да ги заштитиме жените – жртви на насилство секаде, во домот, семејството, на работното место, на улица, во секоја средина“, истакна градоначалникот Јованоски и поме]у другото упати апел до сите институции, граѓански организации, активисти и поединци за нула толеранција за секоја форма на насилство против жените, физичка, вербална форма на насилство, против психолошко малтретрање и заплашување, економска и финансиска злоупотреба на жените и девојките.

 

Јасминка Митреска – социјален работник, вработена во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп истакна дека Центарот е вклучен во оваа борба против насилството со организирање на јавни трибини, но и активно на терен, секој ден во борбата против семејното насилството.

 

„Меѓуопштинскиот центар за социјална работа ги вклучува и другите две општини, Кривогаштани и Долнени. За бројот на пријавени случаи на насилството можеме да кажеме дека е ист во 2017 и 2018 годинаи најмногу пријавени случаи имаме од Општина Прилеп. Додека, пак, од Кривогаштани имаме и во 2017 и во 2018 година по 5 случаи, а од општината Долнени по 15 случаи на жртви на семејно насилство кои пријавиле. Тоа значи дека населението  во Кривогаштани и Долнени е многу малку запознаено и не ги пријавува случаите во Центарот за социјална работа“, вели социјалниот работник Митреска.

 

Митреска, во својата изјава додава дека жртвите треба да сфатат дека не е семејство она во кое што се случува насилство и дека децата се индиректни жртви насилството, па заради тоа кога и тие ќе станат родители на еден начин ќе го манифестираат насилството врз своите деца.

 

Инаку, на трибината со свои излагања покрај градоначалникот Илија Јованоски и социјалниот работник Јасминка Митреска, се вклучија и Изабела Кузманоска – вработена во полициската станица Прилеп, како и Аксиња Гарбеска Кебакоска – вработена во Центарот за јавно здравје Прилеп како специјалист по социјална медицина со организација на здравствена дејност.

 

Изминатата недела во рамки на кампањатапротив родово базирано насилство, Општината заедно со ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ организираше перформанс што го означува симболот за борба против насилството врз жените и девојките, а членови на  Комисијата за родова еднаквост при Советот на Општина Прилеп се вклучија во промотивниот и едукативен настан.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи