Промоција на проектот „Превентивна култура за безбедност и здравје при работа кај земјоделците во Прилеп и Пелагонискиот регион“

Здружение Достоинствен Работник во партнерство со ДИД Медиа, порталот ИнфоКомпас денеска го презентиираа проектот „Превентивна култура за безбедност и здравје при работа кај земјоделците во Прилеп и Пелагонискиот регион“ кој е со поддршка од ЕУ преку грантова шема на Македонско здружение за заштита при работа. Целта на проектот е подобрување на стандардите за безбедност и здравје при работа и подигнување на свеста на земјоделците од Пелагонискиот регион.

 

 

„Целта на проектот е подобрување на работните услови на работниците во земјоделскиот сектор преку употреба на земјоделската механизација и од различни хемиски средства, како пестициди и хербициди. Воедно исто така здружението во соработка со ДиД Медиа, како главни активности ги насочувавме кон информативни и едукативни настани, каде што со овој настан денес, кој е последниот од проектот кој се имплементира околу 6 месеци, а со тоа се дава и целосна информација за самата безбедност на земјоделците од пелагонискиот регион. Резултатите од проектот се тоа што имаме недоволна информираност од страна на земјоделците, кои што немаат доволен увид во употребата на земјоделската механизација која што треба да им ја дадат стручните лица, т.е. експертите, поточно од МЗШВ, а исто така и од Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделието. Воедно исто така можам да напоменам дека како резултат од овој проект е тоа што со овие настани информиравме над 100 лица, кои што се дирекно вклучени во овој проект, а се планира проектот да продолжи и наредната година, со цел за подобра ефикасност на Законот за безбедност и здравје при работа, а со тоа и учеството на Законот за работни односи во земјоделскиот сектор“, истакна Рубинчо Аризанкоски, секретар на здружение „Достоинствен работник“.

 

 

Како дел од проектот порталот Инфо Компас изработи три видео стории, за експлоатацијата на детскиот труд во земјоделството, за земјоделската механизација и улогата и на жената во македонскиот аграр и како таа ги применува мерките на БЗР. Она што може да се заклучи од терен после изработката на 3-те прилози е тоа дека законот за здравје и безбедност при работа во земјоделксиот сектор во Македонија скоро воопшто и да не се почитува. Земјоделците не се заштитуваат со потребните мерки додека работат, експлоатацијата на детскиoт труд е застапена во голема мера, а се случуваaт и голем број сообраќајни несреќи поради застарена механизација и нејзино нестручно управување.

 

„Тоа што можевме да видиме на терен е дека мерките и прописите на Законот за безбедност и здравје при работа скоро воопшто и да не се применуваат. Секако има повеќе причини за тоа. Во руралните средини од нашиот регион земјоделието практично е семеен бизнис, тоа се предава од генерација на генерација, во кое што работат сите, од најмали до најголеми, т.е. најстари, како и жени и мажи. Тука најмногу може да се забележи експлоатацијата на детскиот труд, затоа што од 3-4 наутро може да се видат деца како работат на земјоделските површини, како берат тутун, копаат, ораат, работат активности поврзани со земјоделството, притоа изложени на различни временски услови, а без некоја определена заштита. Исто така многу често може да се забележат како управуваат со земјоделска механизација, која во добар дел од случаите и не е целосно исправна. Таа земјоделска механизација е преку 20 години стара, премногу амортизирана, а не е соодветно поправана, односно одржувана, поради што често јавува и дефекти, кои што дефекти се причина за голем број на несреќи, а дел од тие несреќи завршуваат и кобно по човечкиот живот. Добар услов за несреќите имаат и самите земјоделци кои што свесно управуваат со таа не целосно исправна механизација, небезбедно ја управуваат, возат на небезбедни терени, ја преоптеретуваат, а притоа да не се стручно обучени затоа што во Македонија не постојат никакви обуки, ниту пак некакви полагања за стручно и професионално користење на земјоделска механизација. Порано во Југославија значи имало такви обуки, меѓутоа за жал денес во Македонија не постојат, а не постојат ни полагања“, вели Дејан Штаргоски од порталот Инфо Компас.

 

Според Штаргоски добра причина за нецелосното имплементирање на мерките за безбедност имаат и институциите.

 

„Откако се распуштиле земјоделските задруги комплетно земјоделскиот сектор е оставен самиот на себе. Инспекторатот за труд воопшто не прави никакви контроли на површините на индивидуалните земјоделци, кој се ги обработува, на каков начин ги обработуваат, како работат, кои се условите. Откако се распуштиле земјоделските задруги, земјоделците не се ни приморани да прават редовни медицински прегледи. Поради тоа здравствените институции немаат ниту евиденција, а камоли да превземат нешто друго околу повредите, заболувањата, болестите со кои се соочуваат земјоделците при нивната работа“, додаде Штаргоски.

 

 

Професорот од земјоделскиот факултет од Скопје, Иле Цанев, истакна дека бројот на појавата на несреќи, кои се како резултат на учество на земјоделските производители како дирекни учесници во сообраќајните несреќи бил доста висок. Меѓутоа преку статистичките податоци кои се на увид можело да се види дека големо е ии учеството на самите деца во тие несреќни случаи кои се со смртни последици и повреди.

 

„Сето тоа е резултат на недоволната едукација, трката во време да се завршат работните процеси и она што го спомнаа претходно дека станува збор за земјоделско производство кое што е семејно производство, односно што се пренесува од колено на колено и луѓето кои учествуваат во самото земјоделско производство се пред се од кругот на самата фамилија. Знаеме во каква состојба се нашите земјоделци. Ако веднаш одиме со казнување, тогаш ќе се појави уште поголем проблем во понатамошно дообјаснување, доекдукација и до досредување на одредени работи. Како што кажаа претходните, одговорен е и Инспекторатот за труд, меѓутоа дел и од самите инспектори според мене треба да поминат низ одредени обука, за да знаат што треба да најдат на терен, што треба да уочат, што треба да покажат и што треба да отстранат“, истакна Цанев.

 

Од 2013 до 2017 година, во сообраќајни несреќи со трактори настрадале 48 деца, од нив 2 загинале. Според некои статистики само 16% од сите трактори кај нас се 100% сигурни за работа на нивите. Затоа експертите бараат воведување закон за земјоделска механизација.

 

„Исто така недостатокот во поглед на едукација, во поглед на обука. Во минатото како што спомнаа во бивша Југославија, тоа е веќе малку далеку бидејќи 30-тина години сме веќе самостојна држава, меѓутоа се уште немаме донесено Закон за земјоделска механизација, која што земјоделска механизација се спомнува во повеќе закони, како Законот за заштита на растенија, Фитофармација, Законот за атест и хомологација итн. Меѓутоа конкретно Закон за земјоделска механизација не постои, кој што ќе ги предвиди сите работи кои треба да се спречат евентуалните последици кои ќе настанат како резултат од користењето на земјоделската механизација. Од друга страна, самиот трактор како погонска машина, таа може и е дел од сообраќајот. Што значи не може лице кое што нема положено возачка да ракува со погонска земјоделска механизација, меѓутоа начинот на полагање и возење на трактор е сосема различно од возење на автомобил. Од друга страна небезбедното пренесување на рабоници со помош на приколка, со помош на трактор, од едно место на друго, од една локација на друга исто така претставува проблем. Необезбедување, нерегистрирање, непоминување на техничките прегледи кои машината треба да ги помине“, додаде Цанев.

 

 

Исто така земјоделците воопшто не носат никаква заштита ниту кога го третираат земјоделските култури со хемиски средства.

 

„Спремивме една презентација со цел да ги запознаеме земјоделците со Законот за безбедност и здравје при работа, се она што Законот опфаќа. Тука спаѓаат обврските на работодавачот, правата и обврските на вработените лица, како и мерките што треба да бидат преземени за да увидиме и опасности и штетности на работните места да бидат комплетно отстранети доколку е можно, или пак бидат сведени на минимум. Конкретно на оваа презентација одбравме тема безбедно ракување со хемикалиите, сакајќи да покажеме се она што треба да го знаат нашите земјоделци за безбедно користење на хемикалиите. Тука го вклучуваме користењето на личната заштитна опрема, препознавање, читање на етикетите на секој хемиски производ, начинот на нивно чување и начинот на нивно одлагање“, рече Гордана Ноческа, стручно лице од областа на безбедност и здравје при работа.

 

 

Денеска се одржа и работилница на тема: „Јакнење на капацитетите на ГО во Пелагонискиот регион за креирање на јавни политики од областа на безбедност и здравје при работа“.

 

„Нашата работилница е на тема „Јакнење на капацитетите на граѓанските организации од пелагонискиот регион за креирање на јавни политики во областа на безбедност и здравје при работа на земјоделците“, што е дел од проектот „Превентивна култура за безбедност и здравје при работа на земјоделците од Прилеп и пелагонискиот регион“, кој што пак е поддржан од ЕУ, како грантова шема на Македонското здружение за безбедност и здравје при работа. Нашата организација Достоинствен работник работи на делот од унапредување и подобрување на работните односи, со акцент на безбедноста и здравјето при работата на работниците“, изјави Магдалена Прангоска, здружение достоинствен работник.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien