ВИДЕО – Во Прилеп се одржа проекција на краткометражни, аматерски документарни филмови

Фото Кино Клубот од Прилеп вечерва во киното Мис Стон одржа проекција на краткометражни, аматерски документарни филмови коишто се изработени од млади автори од Клубот кои во изминативе години освоиле бројни награди на повеќе фестивали. Проектот е финансиран од Министерството за култура на Република Македонија во рамките на манифестацијата „Млади Европејци“. Целта на овој настан е да се поттикне и активира независната културна сцена и да се создадат еднакви можности за сите и да се обезбеди „Култура до сите и за сите и тоа со рамномерна географска застапеност на културата во сите плански региони“.

 

 

„Клубот во последните години се истакна како еден од најдобрите клубови во Република Македонија и продолжуваме со тие успеси. Оваа вечер ќе бидат прикажани 25 филмови, од кои ќе имаме доделени доста награди. Исто така ќе доделиме и звања за постигната класа Кино аматер втора класа, кои ги доделува клубот на основа освоените бодови према правилникот на Кино сојуз на Македонија. Вечерва доделуваме Гранд при златна, сребрена и бронзена плакета, награда за најдобра идеа, најдобра режија, најдобра камера. За оваа година Фото кино клубот освои многу награди, значи на сите фестивали бевме број 1. На државниот фестивал кој се одржа оваа година во Струга освоивме 5 награди, а додека на Браќа Манаки во 2018 освоивме Гранд при и Уника, со што клубот во 2018 освои 3 златни платеки Уника, кои се пандан на Оскарот во професионалниот филм. Значи ги имаме сите 3 награди на Уника, тоа е Златна плакета на Уника, која ги имаме во нашиот град, што е многу тешко да се освои“, истакна Сашко Попоски, претседател на Фото Кино Клуб Прилеп.

 

Фото кино клубот од Прилеп брои над 60 членови, а таа бројка секојдневно се зголемува. Од март клубот продолжува со нови обуки и курсеви за младите членови.

 

„На 31 мај ќе биде традиционалната изложба Јордан Зазоски – Зазо и некаде во текот на април се планира да се одржи меѓународната манифестација Денови на македонска фотографија, која е планирана да биде оваа година во Прилеп“, додаде Попоски.

 

Наградите вечерва ги додели градоначалникот Илија Јованоски кој им ги честиташе големите успеси на клубот.

 

„ Успеавте да ја добиете и престижната награда Златна плакета за 2018 година и прогласени сте како најдобар клуб во нашата држава и многу ми е драго што младите ентузијасти од нашиот град, од Фото кино клубот ја добија оваа престижна награда, затоа што повеќе награди имате добиено не само во нашата држава, туку и надвор од неа. Јас се надевам дека и во иднина тоа ќе го правите, а Општина Прилеп и јас како градоначалник секогаш ќе ја имате нашата поддршка, било тоа да е финансиска или друга помош што ви е неопходна и потреба, секогаш ќе ја имате од општината. На сите ви посакувам успешна работа на оваа фотосесија вечерва и на овие краткометражни филмови што нашите гледачи ќе ги видат и со искуството што го имате досега јас се надевам и убеден сум дека во иднина ќе имаме се подобро и подобро претставување, затоа што културата и уметноста ги ставате на повисоко ниво и убеден сум дека во иднина ќе бидете успешни во нашата држава“, изјави градоначалникот Јованоски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien