Општина Крушево: Оваа година Крушево забележува 67% раст на бројот на туристи во споредба со истиот период лани

Како реакција на Фејсбук објавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски, која ја објави при посетата на партискиот штаб во Крушево, каде обвини дека туризмот во Крушево се уништува и нема инвестиции на тој план, Општина Крушево нагласува дека оваа година Крушево забележува 67% раст на бројот на туристи во споредба со истиот период лани. Во реакицијата исто така се вели дека Крушево е првата општина во Македонија која добила грант преку ИПА 2 програмата на ЕУ во висина од 500.000 евра за развој на алтернативниот туризам и активно се работи во повеќе сфери за развој на туризмот во Крушево.

 

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

 

Со цел да обезбедиме вистинито информирање на граѓаните за состојбите во кои живееме, како и да спречиме било какви манипулации и дезинформирање на пошироката јавност го објавуваме ова соопштение како реакција на изјавата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ господинот Христијан Мицкоски при посетата на партискиот штаб во Крушево.

Во својата Фејсбук објава претседателот на ВМРО ДПМНЕ пишува дека „туризмот во Крушево се уништува“ и „нема ниту една инвестиција на тој план“.

Оваа година (од 1-ви јануари до 25-ти август) Крушево забележува 67 отсто раст на бројот на туристи во споредба со истиот период лани, што само ја потврдува заложбата на локалната самоуправа заедно со сите засегнати страни да привлекува поголем број на туристи и да го развива туризмот во градот.

Општина Крушево е прва општина во Македонија која доби грант во вредност од 500 000 евра преку ИПА 2 програмата на ЕУ за развој на авантуристичкиот туризам. Како дел од овој проект привршуваат сите административни обврски за почеток со реконструкција на спортската сала и проширување на нејзината намена, а во тек е набавка на возило за превоз на натпреварувачите на десетиците меѓународни параглајдинг натпревари кои се одржуваат во Крушево, спасувачка опрема и изработка на промотивен материјал со кој наредната 2019-та општина Крушево ќе ги претстави своите туристички потенцијали на меѓународни саеми во Србија и Бугарија, непосредно пред почетокот на Светското првенството за параглајдерство во 2019 година.

Овој проект е најголемата инвестиција во туризмот што некогаш Крушево ја имала. Заедно со ова, локалната самоуправа активно работи на подобрување на градската хигиена и подобрување на патната инфраструктура како предуслови за развој на туризмот.

Уште од стапувањето на функција на градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски локалната самоуправа воспостави соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и заедно со угостителскиот сектор во Крушево пристапи кон промоција на туристичката понуда на градот. За потребите на локалните угостители општина Крушево во соработка со сите засегнати страни креираа неколку алатки со кои се врши подобра промоција на туристичката понуда на градот, а Агенцијата за туризам го промовира Крушево на сите меѓународни саеми за туризам.

Во соработка со Министерството за култура општина Крушево ја збогати и продолжува да ја збогатува културната програма на градот. Наредната 2019 година ќе се мултиплицираат настаните како театарски фестивали, фестивали на отворено, спортски манфиестации, музички фестивали, модернизирање и збогатување на Манфиестацијата НКС „Десет дена Крушевска Републик“ и слично, кои претставуваат уште еден поттикнувач на туризмот во Крушево.

Паралелно со сето ова локалната самоуправа работи на привлекување на странски инвестиции, подобрување на инфраструктурата и генерално подобрување на условите за живот на територија на општина Крушево.

Генералната состојба со туризмот значително се подобрува, а бројот на инвестиции во оваа област се зголемува.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien