Прилепчани преку акцијата „Подај рака-биди човек“, им помогнаа на 11 социјално загрозени семејства од градот

Хуманите прилепчани коишто ја поддржаа акцијата „Подај рака-биди човек“, што во неколку маркети во Прилеп се реализираше од 10 до 13 овој месец, наполнија кошнички, донирајќи прехранбени производи за сиромашните социјално загрозени семејства.

 

Како што соопштија денеска волонтерите на здружението „Епилепсија Македонија“ и на о.о. на Црвен Крст, донираните производи ќе им бидат распределени на 11 социјално загрозени семејства.

 

„Од 10-ти до 13-ти декември ја реализиравме хуманитарната акција ‘Подај рака-биди човек’ во повеќе прилепски маркети. Храната што беше обезбедена од страна на купувачите, ќе биде поделена до најранливите категории граѓани. Во оваа активност ни помогнаа општинската организација на Црвен крст, Општина Прилеп и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. Собравме 11 пакети со вредност од 800 денари. Навистина сум пријатно изненаден од оваа акција која помина во најдобар ред“, рече Дејан Бунески од здружението „Епилепсија Македонија“ од Прилеп.

 

Според директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, оваа акција ќе стигне до најранливите категории на граѓани, како во градот така и во населените места.

 

„Навистина ми е мило што сме во поддршка на ваква хуманитарна мисија. За жал во Прилеп сеуште имаме една голема бројка на ранливи категории, кои со своите финансии не се во можност да ги покриваат одредени радости кои ги носат празниците. Во Прилеп во моментот имаме 1.700 семејства корисници на социјална помош, за кои законот се менува и од јануари месец влегуваме со нови законски решенија во кои социјалната помош и сите други права ќе бидат во зголемен износ. Се надевам дека со оваа акција ќе им овозможиме разубавување и топол дом на секој еден од нив“, истакна Живко Силјаноски директор на МЦСР во Прилеп.

 

Акцијата радосно и со восхит ја спроведоа и волонтерите на Црвениот Крст.

 

„Ние како волонтери од о.о. на Црвен Крст од Прилеп бевме вклучени во оваа акција. Бевме ангажирани четворица волонтери, бевме вклучени во собирањето на храната, правењето на пакетите со храна и во доставата. Презадоволни сме од добриот одзив на нашите сограѓани и успешно споведената хуманитарна акција“, изјави Катерина Божиновска, волонтер во о.о. на Црвен Крст од Прилеп.

 

„Подај рака-биди човек“, ќе биде хуманитарна акција која според организаторите треба да прерасне во традиција за време на празниците кога на секој еден му е потреба топлина и храна.

 

Оваа хуманитарна акција се реализираше во организација на Здружението „Епилепсија Македонија“, Црвен крст- Прилеп. Акцијата е поддржана од Општина Прилеп во пресрет на патрониот празник на градот „Свети Никола“.

 

Целта е во духот на заедништвото, почитта, солидарноста и хуманоста да се помогне и социјално загрозените семејства, со цел сите граѓани да чествуваат достоинствено, во мир и љубов, да ги пречаат сите новогодишни и божикни празници.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien