Саливен: САД го поддржуваат договор за името – паралелно да се работи и на реформите

Соединетите Држави стојат зад спроведувањето на договорот од Преспа и членство на земјава во ЕУ и НАТО – ова е пораката која од Владата ја упати заменикот државен секретар на САД Џон Саливан.

 

„САД ја поддржуваат оваа Влада и нејзините напори да го остварат тоа, вклучувајќи ја и Спогодбата од Преспа. Јас со гордост го поддржувам тоа, САД со гордост го поддржува тоа. Ние го поддржуваме тоа, не потпалуваме ништо. Овие одлуки беа донесени под храброто лидерство на овој премиер. Не е тајна дека владата на Русија се спротивставува на членството на Македонија во НАТО и може слободно да се каже дека Русија ќе направи сè што е во нејзин сопствен интерес за да го поткопа она што Владата и граѓаните на Македонија го утврдиле како најдобар интерес за оваа земја. Меѓутоа, САД ја поддржуваат Македонија“, рече Саливан.

 

Саливен ги повика пратениците да се издигнат над партиските интереси и да гласаат за иднината на Македонија, во пресрет на финалната фаза од уставните измени.

 

Заменикот државен секретар на САД нагласи дека покрај решавањето на спорот за името, паралелно со тоа мора да се работи и на реформската агенда и исполнувањето на сите дополнителни услови кои беа дадени од страна на ЕУ и НАТО.

 

Посетата на заменик-државниот секретар, прва на толку висок американски дипломат по долгогодишна пауза, за премиерот е доказ за поддршката на САД како главен партнер на Македонија во НАТО интеграцијата.

 

„Во денешниот разговор потенцирав дека во Македонија создадовме услови за политички амбиент за реализација на Договорот од Преспа во целост, дека ги сведуваме ризиците на минимум и дека процесите нема да ги препуштиме на каква било случајност. Успешната завршница на овој процес во Собранието е наш билет за да влеземе во НАТО. Паралелно со овој процес ни останува со иста енергија да продолжиме со реформите во судството, безбедносните служби и администрацијата“, рече премиерот Зоран Заев.

 

Осврнувајќи се на ситуацијата во регионот, премиерот нагласи дека Република Македонија останува цврсто на својата улога да биде фактор на поврзување меѓу земјите во регионот и да ги охрабрува лидерите на земјите од Западен Балкан да бидат посветени на одржување на мирот, стабилноста и регионалната соработка.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien