ЕУ ја забранува пластиката за еднократна употреба од 2021 година

Стапчиња за уши, чинии од пластика, лажици, вилушки, ножеви, потоа сламки за пиење, лажичиња за мешање пијалоци, вилувчиња за помфрит – сите изработени од пластика – како и чашите и садовите за брза храна од полистирен, од 2021 година ќе бидат забранети во Европската Унија.

 

Политичкиот договор за оваа забрана денеска го постигнаа Европскиот парламент и Советот на ЕУ, откако Европската комисија на крајот на мај годинава ја презентираше нацрт-директивата за забрана на пластиката за една употреба. Советот на ЕУ на 6 ноември почна преговори со Европскиот Парламент (ЕП) за новата забрана, коишто завршија успешно денеска. Следниот чекор е предлог-директивата да биде прифатена од амбасадорите на членките во ЕУ, по што ќе оди на изгласување во ЕП, а потоа на конечно усвојување во Советот на ЕУ.

 

Оваа директива е дел од големата Стратегија за пластиката на ЕУ а целта е да се намали количеството исфрлена пластика, од која најголемиот дел завршува во морињата и океаните, наштетувајќи му во огромна мерка на живиот свет таму.

 

Еврокомесарката за животна средина, морски прашања и рибарски басени Кармену Вела рече дека со денеска постигнатиот договор меѓу ЕУ и ЕП е направен огромен чекор напред.

 

„Кога имаме ситуација една година дома во пластична кеса да донесеш риба, а следната година да ја донесеш истата кеса во риба, мора да работиме напорно и брзо. Среќна сум со денешниот договор меѓу Парламентот и Советот, направивме голем исчекор кон намалување на количеството на пластика за една употреба во нашата економија, нашиот океан,  и на крајот и во нашите тела“, рече Вела.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien