Екипата на „Марфил“ е победник на светиниколскиот турнир во мал фудбал

Со натпреварите за првото и третото место, синоќа во Прилеп заврши традиционалниот турнир во мал фудбал „Свети Никола 2018“, кој годинава се одржа по осми пат. Победник на турнирот е екипата на „Марфил“, која во финалето ја победи екипата на„Зоки Лим“ со 5:0.

 

„Заврши традиционалниот светиниколски турнир, кој секоја година се одржува во нашиот град по повод патронот на градот, Свети Никола. Задоволство беше да се следат натпреварите, одличниот настап на екипите исполнет со спортски дух. Во фер плеј атмосфера поминаа сите 13 дена од турнирот. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на учесниците кои беа дел од оваа манифестација, особено на организаторите„Комфи Ангел“, Локалниот спортски сојуз, локалната самоуправа и на сите спонзори“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.

 

Менаџерот на шампионската екипа „Марфил“, Македонче Дуртаноски, вели дека титулата е освоена со добра организација и со голема борбеност на теренот.

 

„Со добра и одговорна екипа и играсе освојува титулата. Играчите се залагаа до последната минута и заслужено ја освоија победата. Благодарам на организаторите за добрата организација и догодина се гледаме уште подобри“, изјави Дуртаноски.

 

„Прво сакам да се заблагодарам на организаторот на овој прекрасен турнир, на публиката, бидејќи од самиот почеток на турнирот доаѓаше во голем број. За мене ова е трета година по ред што доаѓам овде и трета година како го освојуваме првото место“, изјави Мартин Тодороски од екипата на „Марфил“, кој беше прогласен за најдобар играч на турнирот.

 

Најдобар стрелец е Дарко Ранготов од екипата на „Фенербахче“, која на турнирот го освои третото место. За најдобар голман е избран Иван Стојановски од екипата на „Марфил“,кој во нокаут фазата и во финалето остана без примен гол.

 

„Ова навистина се случува многу ретко.И минатата година ја добив наградата за најдобар голман. Благодарам на организаторите за добрата организација. Мислам дека ова е еден од најдобрите турнири во Македонија“, вели Стојановски.

 

Првопласираната екипа доби парична награда во висина од 160.000 денари, второпласираната 90.000, а наградата за третото место изнесуваше 60.000 денари.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien