Филипче: Децата во градинка и во училиште треба да се вакцинираат

По објавата дека 15 000 деца во Скопје не се вакцинирани против мали сипаници, министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека останува на ставот во градинка и на училиште да се примаат само вакцинирани деца.

 

„Апсолутно, категорично и енергично ќе стојам на ставот дека во градинка и во училиште треба да се примаат само вакцинирани деца, заради тоа што никој нема право да го загрозува здравјето на останатите деца, никој нема право да влијае на сите тие фактори кои влијаат на јавното здравје, затоа што децата се нашата иднина и ние сакаме здрави деца“, рече министерот Филипче.

 

За него податоците и бројките се навистина загрижувачки бидејќи дури 50 проценти од децата кои се родени во 2017 година не се вакцинирани, во 2016 година тој процент е помал, изнесува 30, но и тоа, според министерот, е висок процент на невакцинирани деца.

 

„Не постои друго толкување освен дека тоа е поради силно изразените антивакцинални кампањи. Во прво одделение некаде околу 20 проценти од децата не се вакцинирани, што исто така сериозно ме загрижува затоа што примо вакцината, тоа е таа што се прима во најмала возраст, е  вакцината што го создава вистинскиот имунитет“, рече министерот Филипче.

 

Веќе се преземаат мерки за намалување на бројот на невакцинирани деца. Се повикуваат родителите чиишто деца не се вакцинирани, а во тек се и состаноци на мултисекторската група формирана од претставници на Министерството за здравство, на Министерството за труд и социјала и на Министерството за образование за усогласување на сите закони и правилници поврзани со вакцинирањето.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien