Иванов: Народот има право да избира како ќе се вика и кој јазик ќе го зборува

Во своето годишно обраќање од Собранието на Република Македонија, претседателот Ѓорге Иванов порача дека народот јасно го кажал своето мислење во врска со Преспанскиот договор и оти тој ќе го почитува ставот на граѓаните искажан на референдумот на 30 септември.

 

„Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А, јас како нејзин Претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам“, рече претседателот Иванов.

 

Иванов во годишното обраќање пред Парламентот ја обвини власта дека со Преспанската спогодба македонскиот јазик го свела на монета за поткусурување.

 

„Од почетокот на независноста на Македонија, Грција ни го попречи правото на самоопределување, ни го доведува правото на постоење, а оваа трагедија е благодарение на Преспанскиот договор. Спогодбата ѝ става крај на Република Македонија каква што ја знаеме.Текстот на Преспанската спогодба беше донесен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како претседател на Република Македонија“, рече Иванов.

 

Во однос на тврдењата на владата дека со Договорот од Преспа е зачуван македонскиот јазик, тој кажа дека Грција ја демантирала македонската Влада, повикувајќи се на изјави од грчкиот претседател и премиер.

 

„Единствено народот има право да избира како ќе се вика, кој јазик ќе го зборува. Затоа Владата побара народот да се изјасни за сопствено самоукинување. Изборот беше лажен – просперитет или идентитет, демек постои едното без другото“, рече Иванов.

 

Можност за натамошен развој на односите со Грција Иванов гледа во, како што рече, враќање кон автентичните и ненаметнати мерки на градење на доверба кои, според него, почнале да даваат резултати, како и преку обновување на националниот консензус во Република Македонија.

 

„Треба да разговараме и да ги разгледаме опциите за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Но, за тоа е потребна политичка волја, тука, кај нас“, рече Иванов во Собранието.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien