ВИДЕО – Во Крушево се бара кревет повеќе за празниците, викендов стартува зимската сезона

Во Крушево се бара кревет повеќе за Нова Година и Божик. Според угостителите капацитетите од околу 700 легла во приватното сместување и 400 места во хотелите биле исполнети над 90% за празниците. Викендов започнува и зимската сезона кога се очекуваат првите туристи. Деновиве се проверуваа ски лифтовите и жичарниците, се местеа масите во рестораните за гостите на Станиќ.

 

 

„Се бара место повеќе, до 10 јануари се е резервирано“, вели Јорго Христоски, угостител.

 

Угостителите се надеваат на плодна сезона. Во зима сепaк снегот е она што најмногу ги привлекува гостите.

 

„Од пред 1 месец во Крушево веќе се е распродадено, сега се бара уште некое место, бидејќии интересот е огромен, буквално од цела Македонија“, рече Жан Здравески – Шапе, угостител.

 

Но дел од скијачите бараат и нови инвестиции во ски лифтовите и стазите кои се стари над 4 децении. Ски терените на Станиќ се подготвени, поминати со ратрак и ги очекуваат првите гости за оваа сезона. Според најавите од наредната година со нив ќе стопанисуваат нови инвеститори, кои најавуваат комплетна реконструкциија на ски терените, изградба на нов ресторан и нова ски патека.

 

Крушево полека станува дестинација за 4 сезони. Само оваа година имало 67% туристи повеќе од 2017, најмногу бројни се секако параглајдеристите. Токму поради тоа во градот се отвораат и нови хотели со содржини кои досега ги немало во Крушево.

 

„Како нова содржина ќе им понудиме спа центар кој е опремен со затворен базен. Со топли лежалки, со сауна, соба за масажа, џакузи“, истакна Александар Никодиноски, менаџер на хотел.

 

Од Општината најавуваат и решавање на досегашните проблеми со инфраструктурата кои и тоа како влијаат за зголемување на бројот на туристите.

 

„Регионалните патишта Крушево-Демир Хисар и Крушево-Кривогаштании кои комплетно ќе се реконструираат. Исто се работи на план за обиколница на Крушево и ќе овозможиме паркинг простор на самите ски-терени“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

 

Имало заинтересирано и други инвеститори за вложување во хотелското сместување, но преговорите засега биле во тек.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien