Излезете надвор од својата суетност и споделете ја радоста на Божик со сиромасите, сакатите, бездомниците, вдовиците, сираците…

Беседа по повод Христовото раѓање – Божик, на студентот на Теолошкиот факултет во Скопје, прилепчанецот Андреј Иваноски.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин! Андреј Р. Иваноски

 

„Возљубени браќа и сестри во пресрет на божиќните празници исполнети со благодатта на Светиот Дух, сме во исчекувањето на празникот кој е еден од суштинските, најрадосните празници во историјата на човечкото постоење, празникот во кој го славиме раѓањето на Оној кој е Творец на вселената, на небото и на земјата. Кој во себе ја има моќта да ги растопи и распрсне сите човечки мразови и студови во кои пребива и со кои се бори душата на денешниот православен христијанин.

 

Соочен со средината во која главната улога за опстанок ја имаат материјалните богатства, страстите, чревоугодието, среброљубието, клеветата, лагата, гордоста, безсрамноста и блудот. Оттргнат од природната состојба на своето битисување во чија полнота лежи верата, надежта и љубовта. Човекот избезумен од задоволствата и страстите на овој свет, тој единствената утеха во својата душа може да ја добие единствено преку спознанието и пребивањето во благодатта на својот Создател Господ Исус Христос. Така здобиени со суштината на единосуштиот Бог биваме едно со Него, поседубајќи го оружјето на мирот постануваме христови војници способни да одолееме и владееме со се што е земно и подземно, духовно и телесно.

 

Навлезени длабоко во борбата со духовниот непријател на нашата душа преку постот, самопожртвовноста и љубовта кон својот ближен стануваме потенцијални носители на благодатните дарови на Светиот Дух, кои ни се дадени според нашите заслуги. Кротоста, милосрдноста, стравопочитта, дарежливоста, сочуствителноста се едни од доблестите со кои се здобиваме преку постот, односно преку воздржувањето од светското, минливото ни се отвора патот кон спознанието на духовното, небесното и вечно богатство според зборовите на нашиот Спасител „Собирајте богатства на небесата каде што ни молец ги јаде ни крадци ги поткопуваат…“. Но тука постои едно исклучително прашање, со какви богатства ќе се здобијат нашите браќа и сестри кои ниту ги имаат материјалните богатства од кои треба да се воздржат, ниту поседуваат нешто нивно кое ги одстранува од патот кон спасението. Единствено тие што поседуваат или не поседуваат во светов е постелата која е променлива во зависност од временските услови и сеќавањата за времињата кога и тие поседувале нешто што ги правело рамни со другите, необесправени, еднакви, но едноставно го изгубиле и останале на работ на општествениот опстанок каде местото за почивка го наоѓаат покрај црквите, мостовите, булеварите, плоштадите или некаде сокриени во некое ќоше каде единствениот спас го најдуваат во она што е најпогубно односно алкохолот, дрогата, проституцијата и т.н.

 

 

Возљубени браќа и сестри сакам да ве потсетам за бездомниците, скитниците, семејствата кои преживуваат во минимални услови, кои немаат да си ги платат основните средства за живот, кои своите деца ги учат на свеќи приспособувајќи ги да знаат како да преживеат во светот на напредните технологии, либерализмот и демократијата, каде се пропагира еднаквост, а се твори себичност, омраза и раздор. Сакам да ве потсетам на вдовиците, сираците, децата со посебни потреби кои во отсуство на своите родители мајката, таткото се секогаш оставени сами на себе да се борат со искушенијата на ова време било да се материјални или духовни и во зависност од јачината на силата на својата душа го користат она што го поседуваат најмногу, а тоа е љубовта. Да ве потсетам на семејствата чии родители се инвалиди не по своја волја и единствениот начин за опстанок го црпат од средствата на социјалната помош. Додека размислуваме за раскошните пејсажи кои нашата природа ни ги дава, посебно во зима кога се е обвиено и украсено со снегот, чиниш секоја куќа што е покриена со снегот како да ја има Божјата рака над секој дом, затоплувајќи ни ги домовите и срцата и во најстудените мигови во нашиот живот, треба да се потсетиме дека снежната покривка не ги покрила само нашите домови, но и домовите на оние кои времето за восхитување на зимата е луксуз и исчекувањето на сонцето повторно да изгрее и да ги стопли им е единствена надеж.

 

Возљубени, нашиот Спасител и Господ Исус Христос се роди во пештерата во јаслите покрај безсловесните животни, одделен од случувањата на светските настани не во раскошна одаја во својот дворец, но во прегратките на својата мајка, Пречистата Дева Богородица, каде единствена закрила и прибежиште им беше она што природата му го приготви на својот Создател, та преку ѕвездата деница да го објави раѓањео на Оној ќе ги приведе не учените, мудрите и богатите ,но сиромавите, простите и скрушени и срца кон ветените и вечни блага на царството Небесно. Та преку Неговиот пример на милосрдието да поитаме кај оние кои единствената пештера која можат да му ја подарат на, од Дева Родениот е своето срце. Да го споделиме нашето парче леб, парче живот, сочуствувајќи се со нив да им ја објавиме радосната вест дека Христос се Роди, односно раѓањето Негово да донесе соборност и еднаквост на сите православни христијани не зависно од својата економска состојба, та бивајќи заедно едно тело да се уподобуваме и да станеме причесници на благодатта на Светиот Дух, која е лебот насушен на секој православен христијанин. Со помошта на браќата свештенослужители да се помолиме за избавување од искушенијата во кои се наоѓаат нашите ближни, за избавување од нивната тешка ситуација, за секое наше направено прегрешение волно или неволно направено со збор или помисла.

 

 

Впрочем, според параболата на нашиот Бог и Спасител во која: еден богаташ, угледен и познат, ги повикал кај себе на себе-сличните богаташи и угледни луѓе. Но под изговор дека имале други поважни работи, никој од нив не се појавил на вечерата. Навреден од нивната неучтивост, богаташот се сетил на сиромасите, сакатите, куците и слепите и сите други бедни и му наредил на неговиот слуга да ги донесе во неговиот дом и богато да ги нахрани. И сите тие се одзвале на повикот и седнале и гостејќи се со богата софра, го благословувале домаќинот (богаташот) што им дал прилика и тие да осетат што значи господарска вечера. (Лука 14, 16 – 23). Со оваа парабола Спасителот сака да ни ја открие тајната на дарот на милосрдието кога им вели на јудејците: „Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, сакатите, куците, слепите. И ќе бидеш блажен, зашто тие немаат со што да ти возвратат, и затоа ќе ти биде возвратено при воскресението на праведните.“ (Лука 14, 13 – 14). Затоа возљубени нашата вера во својата полнота ја содржи воскресната радосна тага или таговна радост, затоа што ниедно богатство од овој свет не е поголемо од богатството на вечниот живот, и ниту оној кој дава, па ниту оној кој прима не е поголем пред Бога затоа што дал или примил, но затоа што она што го добил од Господа го споделил со својот ближен, та обајцата да ја фкусат благодатта Божја.

 

Сакајќи да ја поттикнам љубовта која што гори како вулкан во вашите срца да излезе на виделина, и секој мраз кој стои помеѓу нас да го стопиме и да не страдаме повеќе во својата самотија, туку да излеземе надвор од својата суетност и да ја споделиме радоста на денешните божиќни празници и да ја споделиме со сиромасите, сакатите, куците, бездомниците, вдовиците и сираците, та заедно да пребиваме во благодатта Божја. Ќе завршам со зборовите на нашиот Спасител: „Зашто ви велам: никој од оние што беа повикани нема да вкуси од вечерата Моја. Зашто мнозина се повикани, но малкумина се избрани,“ (Лука 14, 24). АМИН!

 

Иваноски е изведувач и на Божикната песна „Радувајте се“ од Reborn of Byzantium.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien