ВИДЕО – Уникатната манифестацијата „Дева“ се одржува единствено во Крушево и Витлеем

Со вековната манифестација „Дева“ крушевчани вечерва го одбележаа Коледе, со што го најавија раѓањето на Господ Исус Христос. Оваа уникатна манифестација во Крушево постои со векови, а куриозиитет е тоа што освен во Крушево единствено вака во целиот свет се одбележува само во Витлеем, во Израел. Исто така Крушево е единствениот град во Македонија каде на овој ден не се палат коледарски огонови, туку Божик се најавува на ваков уникатен начин. Во манифестацијата „Дева“ учествуваат исклучиво млади момчииња, а не девојчиња, кои ја носат црвената Давидова ѕвезда и ја пејат песната „Дево Дејане“, одат од куќа на куќа, а домаќините ги даруваат со пари.

 

 

„Овие дечиња со ѕвездата ги даруваме со пари, а тие кои ќе дојдат утре да коледарат со костенчиња, оревчиња, бонбони и пак пари“, вели Александра Илиевска, крушевчанка која живее во Скопје.

 

„И навистина се чувствувам убаво во овие моменти, навистина возвишено, душата ми е полна. Убаво беше тоа што се случуваше на плоштадот. Тоа го нема кај нас во Скопје“, рече Јован Илиевски, крушевчанец кој живее во Скопје.

 

 

 

Од пред 6 години настанот „Дева“ е во организација на Локалниот младински сојуз и Средношколската заедница при СОУ „Наум Наумовски Борче“, Крушево кои годинава се потрудиле навистина тој да изгледа прекрасно. На градскиот плоштад пак имаше свечена програма, беше поставена пештера со јагниња и оган кој го запали ѕвезда, што симболично го претставува местото каде се родил Христос. Потоа поворките ги благословуваат свештеници кои тргнуваат од куќа на куќа.

 

„Ние би сакале да гии поддржиме тие младински иницијативи особено тие кои што помагаат во зачувување на културното богатство, промоција на нашата традиција и привлекување на голем број туристи“, истакна Билјана Стојаноска, Локален младински совет.

 

„Проектот има и хуманитарни цели, сите паричнии средства кои ќе се соберат преку манифестацијата ќе бидат донирани на првото бебе кое што ќе се роди од Крушево“, изјави Матеј Кардула, Средношколската заедница при СОУ „Наум Наумовски Борче“.

 

 

 

Крушевчани се горди на оваа манифестација.

 

„Ова е еден голем верски настан и како и секоја година ова е традиционална претстава за Христовото раѓање и ја има единствено само Крушево. Навистина сме горди на ова. Млади момчиња шетаат низ улиците во Крушево со ѕвездата и ја пејат песната „Дево Дејане“, велат дел од крушевчани кои беа присутни на манифестацијата.

 

Годинава првото крушевчанче се уште не е родено. Да се надеваме дека тоа ќе се случи наскоро и бебето ќе ги добие овие дарови.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи