ВИДЕО – МПЦ очекува Томос за афтокефалност од Цариград во текот на 2019

Се надеваме дека до крајот на 2019-та после Украинската црква, МПЦ ќе биде следна која што ќе добие томос за афтокефалност од страна на Цариград. Ова денеска во Прилеп го истакна Митрополитот Преспанско-Пелагониски Петар. Според Владиката Петар засега немало постојани контакти со Вселенската патријаршија, но очекува дека тие ќе се воспоставеле по празниците. Сепак официјално одобрение и знак за тоа се чекало Фанар, ова според Митрополитот Петар и било ветено на МПЦ.

 

 

„Бидејќи ги исполнуваме не сега туку од подамна сите услови за тоа, само можеби требаше да почекаме да дојде денот да се исполни таа наша надеж и тоа ветување што ни беше кажано од поодамна дека ќе дојде денот за да и нашата црква биде признаена како афтокефална“, изјави Владика Петар, Митрополит Преспанско-Пелагониски.

 

Инаку Русија остро реагираше на одлуката Цариград да ја признае Украинската црква. Портпаролот на РПЦ, Владимир Легоида, рече дека документот е резултат на политички и лични амбиции и тој бил потпишан со кршење на каноните и затоа немал никаква канонска сила. Според експертите пак само прашање на време било кога оваа одлука на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј ќе донесе уште поголеми поделби и потреси во православниот свет. Православните цркви засега молчат и не ја коментираат јавно веќе отворената војна меѓу Моска и Цариград. Тактизираат и чекаат како ќе се одвиваат работите. За Владиката Петар пак немало раскол туку само недоразбирање кое ќе се надминело.

 

„Би рекол дека ова е повеќе недоразбирање од политички аспект и тоа ќе се надмине, бидејќи не станува збор за канонски или догматски разлики во верскиот живот или верата, туку станува збор за некои политички недоразбирања кои длабоко верувам дека ќе се надминат со текот на времето“, додаде Владика Петар, Митрополит Преспанско-Пелагониски.

 

Во однос на посетата на Папата Франциск во месец мај, кој ќе биде и првиот Папа кој воопшто ја посетил нашата држава, Митрополитот Петар рече дека Македонија и МПЦ имале коректни односи со Ватикан и тоа така ќе продолжело и во иднина.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien