Задолжителна кастрација на домашните миленици – во спротивно казни и до 700 евра

Facebook
Twitter
Email
Print

Задолжителна кастрација на домашните миленици. Власта со нов закон предвидува казни и до 700 евра доколку сопствениците не ги стерилизираат милениците. Тврдат дека тоа ќе помогнело да се намали бројот на бездомни кучиња и мачки.

 

„Сопствениците кои држат еден или повеќе репродуктивно способни животни од видот куче или мачка треба да ги стерилизираат, освен во случај кога имаат регистрирано одгледувачница. Одгледувачниците треба да го пријават леглото од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта, клиника или болница, да ги идентификуваат и регистрираат младенчињата согласно Законот за идентификација и регистрација на животните пред да ги вдомат како и да ги пријават лицата кај што ги вдомиле младенчињата. Трошоците за овие постапки се на товар на одгледувачниците“, стои во предлог – Законот кој што веќе е во собраниска процедура.

 

Со стерилизацијата или регистрација на одгледувачница се сложуваат и од Здруженијата за заштита на животни, кои сметаат дека треба да се воведе и данок за некастрирано куче. Според нив оние што имаат некастрирано куче треба да плаќаат данок за луксуз, чиј износ понатаму би го определиле локалните власти или Владата. Преку амандман ќе бараат во Законот да влезе и законска забрана за еутаназијата односно убивањето на скитниците, бидејќи сметаат дека со одговорното сопствеништво долгорочно ќе се реши проблемот со кучињата скитници.

 

Со новиот Закон се воведува забрана за продажба на малолетници и продажба на кучиња и мачки во продавници за миленици, а предвидени се и казни ако миленикот не е чипиран.  Можноста за бесплатно чипирање на милениците кај било кој ветеринар истекува на 31 март по што оваа законска обврска за милениците ќе чини 800 денари.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи