„Дали сте за Република Северна Македонија?“ – Тодор Петров ќе собира 150.000 потписи за нов референдум

Три дена откако беа изгласани уставните измени кои се веќе објавени во Службен весник и со кои Република Македонија додава во името Северна, собраниската Комисија за политички систем му денеска ја одобри иницијативата на Тодор Петров за собирање 150.000 потписи за нов референдум за името.

 

Во иницијативата за собирање потписи Петров го формулира евентуалното референдумско прашање: „Дали сте за Република Северна Македонија?“.

 

Утринава од деветмина пратеници во оваа собраниска комисија, осум ја поддржаа неговата иницијатива. Петров бара од претседателот на Собранието Талат Џафери во рок од три дена да одлучи дали неговата иницијатива е уредна, да го извести премиерот Зоран Заев и преку него да се извести Државната изборна комисија надлежна за евиденција на избирачкото право

 

Иницијативата, како што појасни тој, е поднесена на барање на 179 граѓани, а согласно законските решенија потребно е најмалку 100 граѓани да поднесат барање за иницијатива за собирање потписи за распишување референдум на државно ниво.

 

„На ова прашање избирачите треба да одговорат дали се „за“ или „против“ или да не гласаат. Прашањето е прецизно формулирано. Со иницијативата за дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Македонија граѓаните ќе ја проверат претходно донесената одлука за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија на седницата одржана на 11 јануари оваа година со амандманите на Уставот и Уставниот закон за нивно спроведување“, рече Петров.

 

Таа сега треба да биде доставена до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој преку премиерот би ја доставил до ДИК. Откако ДИК ќе ги извести поднесувачите на иницијативата дека околу 33 подрачни одделенија се подготвени, тие во рок од 20 дена се должни да ги достават формуларите за собирање на потписите до сите подрачни одделенија и потписите да ги соберат во рок од три месеци.

 

Петров вели дека е позитивно што наскоро се одржуваат и претседателски избори затоа што подрачните одделенија на ДИК работат од 8:30 до 16:30, а при распишување на избори работат во три смени и саботите и неделите. Според неговите прогнози, доколку се помине според процедурите потписите би требало да се соберат од 15 февруари до 15 мај.

 

Инаку Од утре грчкиот парламент ќе расправа за доверба на владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас, а потоа на дневен ред треба да се најде ратификацијата на Договорот од Преспа.

 

На референдумот на 30 септември, прашањето беше  „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Вкупно гласаа 666.743 граѓани или 36,91 отсто од запишаните 1.806.336 гласачи на Избирачкиот список. Од нив „за“ гласаа 609.813 или 91,46 отсто а „против“ гласаа 37.700 илјади граѓани или 5,65 отсто. Неважечки ливчиња беа 19.221.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien