Македонија стана двојазична

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонија и официјално стана двојазична држава. Со потпис само на спикерот Талат Џафери, но не и од претседателот Ѓорѓе Иванов, Законот за јазиците е објавен во Службен весник. Во фуснота се објаснува дека шефот на државата бил должен да го потпише Законот, но бидејќи тој одбил да го стори тоа, Џафери ја презел неговата улога.

 

Членот 1 од Законот вели дека на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, но со ставот 2 албанскиот јазик се израмнува на исто ниво на службена употреба.

 

„Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик, согласно овој закон“, се вели во ставот 2 од првиот член.

 

Во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон.

 

Се воведува двојазичност во: судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, постапка за извршување санкции, како и другите постапки предвидени со други закони. Судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции се обврзани да овозможат користење, употреба и примена на кој било од двата службени јазика.

 

Со овој Закон е предвидено и основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, која ќе биде финансирана од државниот буџет. Предвидено е и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи