ВИДЕО – Во Крушево одбележан 38-миот роденден на Тоше Проески

Со торта која се делеше на неговиот гроб и музичка програма во Спомен домoт денеска во Крушево се одбeлежа 38-миот роденден на Тоше Проески. Стотици фанови од цела Македонија, но и од повеќе балкански држави беа присутни во Крушево. Елеонора Василева од Бугарија веќе трета година на овој ден носи торта во Крушево.

 

 

„За мене овој ден е повеќе празник отколку што е поврзан со тага. Денес се роди Тоше кој ни донесе толку многу љубов и толку многу убави нешта ни остави, затоа овој ден за нас е радост“, рече Елеонора Василева, фан на Тоше од Бугарија.

 

Фановите и роднините на Тоше велат дека Тоше ни остави аманет да го продолжиме неговиот пат.

 

„Да бидеме хумани, да се сакаме, да донираме и да помогнеме на тој што има потреба“, рече Анастас Проески, чичко на Тоше Проески.

 

„За Тоше нема средина има само болка, тага и љубов. Но имам верба во Бог, еден ден ќе бидеме сите заедно“, истакна Дариа Илиќ, фан на Тоше од Словенија.

 

 

 

 

 

Дури и оние кои не биле родени кога тој почина ја слушаат неговата музика и го почитуваат неговото дело.

 

„Сега дојдов тука за неговиот роденден да го посетам и да си запалам свеќа за здравје и среќа. Има 10 години и според кажувањата Тоше бил многу хуман и многу добар човек и затоа дојдов да го посетам неговиот гроб“, кажа Атанас Ташкоски, фан на Тоше од Крушево.

 

Во Спомен домот се одржа пригодна музичка програмa, а свој настап имаше и Елена Ристеска, која што порача дека сите ние како општетсво треба да направиме што е можно повеќе на Тоше и неговите дела да живеат со нас.

 

„Можеби да се назначи некоја институција со негово име. Јас искрено бии сакала „Универзална сала“ да се вика по него. Или во иднина да има фестивали кои ќе го носат неговот име, емисии и слично. Само така би се пренела неговата мисија, а и би се одржал споменот кај идните генерации“, изјави Елена Ристеска, пејачка.

 

 

 

 

 

Од Фондацијата „Тоше Проески“ се надевале дека во иднина ќе бидат издадени нови досега необјавени материјали од Тоше.

 

„Во семејното студио на Тоше во Скопје се уште постојат материјали. Ние се надеваме дека како што оди технологијата напред дека и тие ќе станата достапни за пошироката јавност“, кажа Андреј Иваноски, извршен директор на фондација „Тоше Проески“.

 

Од Општина Крушево пак најавија дека ова лето треба да започне изградбата на неговиот гроб.

 

„Ние лани се соочивме со бирократски процедури, но успеавме да ги расчистиме и на Совет е помината Комисијата која треба идејното решение да го спроведи како проект“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

 

 

Во Спомен домот се одржа и крводарителска акција.

 

„Во чест на Тоше дарувам крв. Давам крв по трет пат и мило ми е што тоа можам да го направам на денешен ден. Јас сум музичар, Тоше ми беше идол, ја сакам неговата музика и беше многу добар човек“, потенцираше Александар Петрески, фан на Тоше од Прилеп.

 

Присуството на големиот број посетители во неговиот Спомен дом само уште еднаш потврди дека Тоше има само датум на раѓање и дека вечно ќе живее со нас.

 

„Спомен куќата на Тодот Проески во Крушево е место каде што најмногу се чусвтвува енергијата на Тоше, од секое негово парче облека, од секој махазин или списание кое поминало низ неговите раце, а кое го има тука, од секоја негова гитара, награда или признание и сите тие предмети манифестираат една енергија која посетителите ја чувствуваат“, изјави Елена Мирческа, директорка на Спомен дом „Тоше Проески“.

 

Спомен куќата каде денеска се одржа програмата за овој ден останува најпосетениот музеј во Македонија со над 650.000 гости, од кои 30% од странство.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien