Објавен повикот за предлагање членови на Советот на млади на општина Прилеп

Комисијата за општествени дејности и заштита на правата на децата при Советот на општина Прилеп, распишува повик за предлагање на кандидати за членови на Советот на млади на општина Прилеп.

 

„Советот на млади е тело чија основна цел е активно вклучување на младите во јавниот живот во општина Прилеп и брои 9 членови. Мандатот на членовите трае 4 години, без право на повторен избор. Право на предлагање на кандидати имаат младинските невладини организации и здруженија на млади, ученички совети, студентски совети и други регистрирани облици на организирање на младите“, изјави на денешната прес конференција Елена Ташкоска, претседател на Комисијата за општествени дејности и заштита на правата на децата.

 

Оваа Комисија, заедно со Комисијата за мандатни прашања, избор и именување, ќе го изврши изборот на пријавените кандидати, кои е потребно да исполнуваат одредени услови.

 

„Кандидатот треба да има постојано место на живеење на територијата на општина Прилеп, старосната граница се движи од 15 до 30 години, потребно е да има претходно искуство во организирање и спроведување на активности на млади, да учествувал во различни типови на неформално образование, да членувал минимум 6 месеци во организацијата предлагач, која треба да има минимум една година постоење“, потенцираше Ташкоска.

 

Пријавувањето на кандидатите се врши со поднесување на одредени документи, кои можат да се преземат од приемното одделение или од веб страната на Општина Прилеп.

 

Советот на млади врши повеќе работи, како што се поднесување предлози до Комисијата за општествени дејности и правата на децата при Советот на општина Прилеп, предлага мерки за остварување и спроведување на одлуки и програми за грижа на младите, организира работилници, предавања, трибини, манифестации и други активности во врска со младинските прашања, поттикнува соработка со Советите на млади од општини во Република Македонија и слично.

 

Рокот за поднесување предлози за кандидати за членови на Советот на млади на општина Прилеп, е 15 денови.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи