КМ 56 – Подобро на -5°C #НаТочак, отколку на 1611µg/m3 со кола

Воздухот во Прилеп е загаден и во зима тоа доаѓа најмногу до израз, но Прилеп е загаден град и по други основи! Загаден е од бучава, загаден му е јавниот простор, загаден е од небезбеден сообраќај, загаден е од лоши граѓански навики, но загадено е и од лоши политики на водење на градот со години наназад.

 

Од ПрилепНаТочак велат дека без јасни и долгорочни политики кои треба да понудат систематски и докажани решенија, заглавени сме во бесконечни препирања дали загадувањето е предизвикано од начинот на греење на домовите, индустријата или сообраќајот… Без јасни политики секој си го брани своето загадување и во крајна сметка никој не превзема ништо.

 

„Иако според последните истражувања сообраќајот не е најголемиот загадувач на воздухот, тоа воопшто не значи дека не е голем загадувач. Ако сообраќајот директно учествува со 20% во вкупното загадување со PM честички и ако во најазгадените денови загадувањето стигнува до 500 µg/m3, тогаш дури и магично да се ослободиме ЦЕЛОСНО од сите останати загадувачи (греењето на домовите, индустријата, градежните активности), ќе останеме со повеќе од 100 µg/m3 од сообраќајот, што е дури 2 пати повеќе од максимално дозволената граница од 50 µg/m3.

 

Заглавени сме во бесконечните желби како да направиме град со поодржлив сообраќај, а како притоа да не се скрати ништо од автомобилите. Невозможно! Заглавени сме и во илузијата дека електричните или автомобилите на понезагадувачки погон ќе не спасат од проблемите во сообраќајот. Дека технологијата ќе ни ги реши проблемите сама по себе, без да мора да донесеме радикални политички одлуки.

 

Ни треба проветрување! Признавање дека мора да се преземат паралелно силни и радикални мерки на сите полиња, кај сите загадувачи, а не еден по еден.

 

Време е за транспортна чистка!

 

– Да се прочисти воздухот, меѓу другото преку краткорочни и долгорочни мерки и во сообраќајот (покрај во индустрија, греењето, градежна и улична прашина), да се прочисти градот од возила кои многу загадуваат, но и од премногу возила, а овие патувања да бидат заменети со други начини на транспорт (јавен транспорт, точаци и пешачење).

 

– Да се прочистат и политиките од застарени автоцентрични модели според кои треба да се обезбеди голема комоција за движењето и паркирањето со автомобил, наместо таа да се намали, а да се зголеми на другите начини на превоз. Да се прочистат политиките од надминати парадигми. Генералните планови според кои Прилеп се гради се застарени. Тоа се концепти на урбанистичко планирање кои биле современи пред 50-60 години каде се планирани големи сообраќајници за голем број возила. Во денешните современи концепти на урбанистичко планирање се размислува за намалување на капацитетот за коли, а зголемување за другите начини на превоз.

 

– Да се прочистат тротоарите и јавниот простор од окупацијата од автомобилите. Ослободувањето на тротоарите, велосипедските патеки и јавниот простор од автомобилите го поттикнува одењето пеш и користењето на точакот како транспортно средство.

 

– Да се прочисти градот и од звучно загадување. Транспортот е еден од најголемите загадувачи со бучава.

 

– Да се прочисти безбедносно градот. Големите брзини со кои се движат возилата го прават градот ризично место за живеење особено за најранливите категории на учесници во сообраќајот. Потребни се политики за смирен сообраќај околу училиштата, но и општо намалување на брзините на возилата во градот.

 

– Да ги прочистиме и сопствените транспортни навики. Колку и да очекуваме некој друг да најде решение за прочистување од загадувањето никогаш не треба да се оградуваме на индивидуалната одговорност, а тоа е што може секој од нас да направи во врска со здравите транспортни навики. Иако нашиот град со години наназад е проектиран како во него најлесно да функционираме со автомобил (поради ова повикуваме на институционална одговорност), тоа не треба да ни биде изговор дека ќе се возиме со својот автомобил се додека политичарите или останатите сограѓани не најдат решение за загадувањето на градот.

 

Нема наскоро сите да преминеме на електрични возила, а дури и да преминеме, ако моделот на Прилеп се ослонува на личниот превоз со автомобил како единствен и најважен, бројот на автомобили само ќе расте и колку и да се зелени, ќе ни се загуши градот, тоа ќе пролонгира голем дел од проблемите и тие нема да се решат.

 

Поради тоа, бараме чистка на замаглениот поглед и малку поинакво размислување. Бараме транспортна чистка со здрави транспортни политики!“, велат од ПрилепНаТочак.

 

Критичната Маса, како и секогаш, се одржува секоја последна среда од месецот, со почеток во 17:30 часот, пред споменикот на Алескандар Македонски во центарот на Прилеп.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien