Со грантови од 49 милиони денари за НВО секторот ќе се поттикнува туризмот во Македонија

Повеќе од 49,3 милиони денари грантови ќе добијат 12 невладини организации и асоцијации за спроведување на проекти со кои ќе се поттикне локалната и регионалната конкурентност во туризмот.

 

За таа намена денеска во Владата им беа доделени Договори за подгрантови за јакнење на капацитетите на невладините организации и асоцијации од туристичкиот сектор во кои е вклучено и кофинасирање од 10 проценти од висината на предложените проекти од апликантите.

 

Тие беа избрани на вториот повик што беше објавен во март минатата година во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност на туризмот што е финасиран од страна на Европската унија преку ИПА 2 инструментот за претпристапна помош во износ од 18 милиони евра, со учество на Владата во износ од 3,2 милиони евра, а се спроведува со партиципација на Светска банка.

 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека туризмот е една од гранките во земјава од која се очекува да има најбрз развој и раст и додаде дека во Македонија константно расте бројот на посетители поради што мора да се подобри и туристичката понуда.

 

„Македонија нема море, но има езера и многу планини. Токму во тој дел се фокусирани и проектите за кои денеска ќе се доделат грантови. Со нив асоцијацииите ќе ги развиваат туристичките активности во Република Македонија од приватен аспект. Очекуваме дека ќе биде подобрен туристичкиот пристап и туристичката понуда во земјава. Станува збор за интересни и диверзифицирани проекти, како што се рекреативното падобранство, летање со балони, скијање, јавање на коњи, со кои се покажува инвентивноста и креативноста на асоцијациите. Туризмот има голем потенцијален на раст, во последните години се бележи континуиран пораст на туристи, а со овие проекти на креативен начин се обидуваме дополнително да ја стимулираме локалната и регионалната конкурентност на туризмот“, рече  Анѓушев на доделувањето на договорите.

 

На свеченоста покрај вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, присуствуваа и директорот на канцеларијата на Светска Банка за Македонија и Косово Марко Мантованели, раководителот на економскиот оддел во Делегацијата на Европска Унија Фрејк Јанмат и директорката на Проектот за локална и регионална конкурентност, Антонија Шишак.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien