Истражување: 62 малолетнички абортирале, а 731 се породиле – најмладите на возраст од 11 до 13 години

Facebook
Twitter
Email
Print

Вкупно 62 малолетнички на возраст до 18 години ја прекинале бременоста во осум јавни здравствени установи од кои 34 во 2016 година, а 28 во 2017 година. 23 се на возраст од 14 до 16 години, 18 на возраст од 17 години, а 21 со ненавршени 18 години. Најголем број од нив на возраст од 14 до 16 години кои абортирале се од македонска, ромска, албанска и турска заедница, а не се евидентирани случаи за прекин на пременост кај другите заедници.

 

Ова го покажуваат резултатите од спроведеното истражување кои денеска на прес-конференција ги презентираше заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа, која посочи дека итно треба да се преземат мерки за целосно согледување и справување со проблемот со малолетничката бременост и едукација на младите во училиштата.

 

„Вкупно 731 малолетничка се породиле во истражувачкиот период од кои четири на возраст од 11 до 13 години, 225 на возраст од 14 до 16 години, а останатите на возраст од 17 или со ненавршени 18 години. Меѓу малолетните мајки најголем број – 405 се Ромки, 162 Македонки, 109 Албанки, 43 Турчинки, пет Бошњачки, а шест од други заедници. Најголем број од бебињата (721) се дадени на натамошна грижа кај малолетната мајка, а 10 бебиња (шест родени во 2016 и четири родени во 2017 година) биле оставени од страна на малолетната мајка и понатаму се згрижени во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца во Битола“, рече Бајрамовска – Мустафа.

 

Посочи дека од увидот во документацијата што ја водат јавните здравствени установи констатирале дека речиси сите малолетни родилки се породиле во вонбрачни заедници.

 

Во рамки на истражувањето бил доставен прашалник до 17 клиники и општи болници во Република Македонија, чија дејност е гинеклогија и акушерство.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи