МОН: Тестирањето ТИМСС е меѓународно и не влијае на конечниот успех на учениците

Од  април до мај годинава во 150 основни училишта ќе биде реализирано  меѓунардоното тестирање ТИМСС (TIMSS – Trends in International Mathematics and Science Study) кое ќе опфати околу 4000 ученици, а потоа ќе следува опсежен извештај.

 

Министерството за образование и наука за МИА одговори дека не се работи за замена на екстерното тестирање, како што објавија некои медиуми, ниту, пак, резултатите ќе влијаат на конечниот успех на учениците. Нагласува дека Македонија со години е вклучена во меѓународното тестирање ТИМСС, како и во ПИСА.

 

Училиштата се избрани по случаен избор според локацијата (село/град) и наставниот јазик (македонски/албански), и се веќе известени за тестирањето. Од секое училиште во примерокот по случаен избор се избрани паралелките кои ќе бидат опфатени, при што ќе се користи специјална програма за оваа намена.

 

„ТИМСС  е меѓународна студија по математика и по природната група предмети (физика, хемија, биологија и географија) која ги мери знаењата и способностите на учениците по математика и по природната група предмети (физика, хемија, биологија и географија) во IV и во VIII одделение. Република Македонија до сега има учествувано во три циклуси: TIMSS 1999, TIMSS 2003 и TIMSS 2011 со популација на ученици само од VIII одделение. Првпат минатата година во TIMSS 2019 се вклучивме да учествуваме со популација на ученици од IV одделение…Сите земји коишто сакаат и имаат интерес, длабински и суштински да ја проверат подготвеноста и знаењето на учениците врз основа на меѓународно прифатени параметри и критериуми, можат на доброволна основа да се вклучат во некоја од програмите за меѓународни тестирања, како на пример ПИСА или ТИМСС во кои и нашата земја учествува. Резултатите од овие тестирања немаат никакво влијание врз конечниот успех на учениците кои се дел од нив“, велат од МОН за МИА.

 

Со вклучувањето во оваа меѓународна студија, додава МОН, земјите добиваат одговори на важни прашања, поврзани со тоа какво е нивото на постигањата на учениците и каде е местото на земјата во меѓународните рамки, какви се постигнувањата од другите земји, кои се значајни за нас како информација за тоа како се изведува образовниот процес во земјите со  добри резултати; каков е наставниот процес, подготовката на наставниците и нивниот професионален развој кај нас и споредување со другите држави; какво е институционалното организирање на воспитно-образовната работа на образовните системи различни од нашиот.

 

„Резултатите од ваков тип  тестирања се основа за понатамошен развој и креирање политики за унапредување на квалитетот на образовниот систем. Преку прашалниците за учениците, наставниците, родители и директорите се добиваат податоци за тоа како училишната клима и култура, наставната практика, целите на наставните програми, социо-економските услови на учениците и училиштата, систематското уредување на образованието и друго влијаат врз постигањата на учениците“, наведува Министерството за образование и наука.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien